Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска ги исплати субвенциите за одгледувачите на полјоделски култури.
Корисници на оваа финансиска поддршка се земјоделски стопанства кои во производната 2018 – 2019 година имаат засеани и ожнеани површини со: пченица, јачмен, пченка, рж, овес, ориз, тритикале, хељда, сирак, соја и сончоглед. Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, појасни дека станува збор за исплата на средства за оние апликанти кои имаат поднесено барања за добивање средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година и законски се стекнале со право на оваа финансиска поддршка.
„Без селекција и во еден ден на сметките на 23.108 субјекти исплативме 376.122.517 денари. Со ова покажуваме дека во еден ден и без никаква селекција се исплатија сите кои одгледуваат полјоделски култури, со исклучок на тутунот“, истакна Бабовски.