23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Владата обезбедува континуитет во економските политики од интерес на бизнис-заедницата

Техничкиот премиер Оливер Спасовски оствари работна посета на Стопанската комора на северозападна Македонија. На состанокот, на кој присуствуваше претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, и членовите на потесното раководство, беше констатирано дека продолжува воспоставената одлична комуникација меѓу Владата и бизнис заедницата.

Спасовски истакна дека Владата останува отворена за предлозите на бизнис-заедницата и ќе го продолжи дијалогот во однос на прашањата кои директно ги засегаат. Тој нагласи дека и покрај изборниот процес Владата функционира во полн капацитет и обезбедува континуитет на економските политики.

Претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија покажаа интерес за повеќе области и посебно ги издвоија инфраструктурните прашања поврзани со зоната Визбегово и патниот правец Скопје – Блаце. Спасовски истакна дека Владата останува посветена на решавањето на овие инфраструктурни прашања и дека се надминати дел од проблемите што Владата ги затекнала од претходно. На средбата беше потврдено дека зоната во Визбегово и патниот правец Скопје – Блаце се од исклучително економско значење за бизнис-заедницата и за граѓаните.