Владата, Министерството за правда како предлагач на Законот за јавно обвинителство, но и пратениците од владејачкото мнозинство покажаа во изминатиот период дека сакаат инклузивност во процесот на донесување на законот, и дека оставаат простор да се слушнат сите мислења и да се постигне консензус кон едно исклучително важно прашање.
Овој аргумент за транспарентноста на Владата во однос на законот го изнесе пратеничката Снежана Калеска Ванчева на гостувањето на МТВ.
„Ние речиси една година со одредени паузи, некогаш позабрзано, некогаш поспоро, но всушност цело време работиме на приближување на одредени ставови и ова решение за коешто денес се отвори јавната расправа всушност е трета верзија која што е понудена од страна на министерството кое оформило работна група која што е составена од експерти, од луѓе од фелата, а тоа се обвинителството, домашни експерти, меѓународни експерти, обвинители на кои се однесува овој закон, па кој друг треба да биде вклучен , кој сметате друг дека е порелевантен да изготви решение?“- праша Калеска Ванчева.
Но, ниту една од трите верзии не е прифатлива за ВМРО ДПМНЕ која го отфрла законот со истата реторика, дека се носи шверцерски, дека е неуставен и дека се амнестира криминал, а всушност тие сакаат да се затворат предметите на СЈО за криминалот на нивните функционери.
„Сега мислам дека македонската јавност јасно може да извлече заклучок која е единствената намера на ВМРО ДПМНЕ, нема друга немара, намерата е само како да се закопаат сите предмети, сите докази, сите материјали и повеќе да не го видат светло на денот, значи тоа е целата работа и секому е јасно. И покрај тоа, навистина посакувам да дојдеме до заедничко решение сите, односно ВМРО ДПМНЕ и позицијата да се согласат за потребата и за начинот за регулирање и функционирање на ЈО и тогаш ќе бидам најсреќна, навистина вакви закони е пожелно да се носат на тој начин. Тоа не значи дека ако се обезбеди мнозинство од 80 пратеници, без ВМРО ДПМНЕ, дека не може да се донесе законот. Но, СДСМ до крај, сите шанси ќе ги користиме за да постигнеме консензус со ВМРО ДПМНЕ заеднички да го донесеме Законот“- заврши Калеска Ванчева.