Претседателот Стево Пендаровски се обрати на тркалезната маса насловена „Патот кон ЕУ и НАТО: Перспективи и предизвици“, организирана од Советот на амбасадори.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање преку амбасадорите на ЕУ изрази благодарност до земјите членки на ЕУ што проширувањето остана на агендата на Унијата и изрази очекување дека Северна Македонија ќе ги почне пристапните преговори за време на хрватското претседателство и дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена на состанокот на Европскиот совет во март 2020 година.
Претседателот нагласи дека ефектите од одлуката за почеток на преговорите ќе имаат позитивно влијание врз политичките процеси, реформската агенда, резултатите кои треба да се испорачаат, како и генерално, врз оптимизмот во општеството. Оттука, порача претседателот, важно за нашата држава е кога таа одлука ќе биде донесена.
Претседателот изрази очекување дека процедурата во Шпанија за ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО се очекува да заврши до почетокот на изборите во нашата држава.
Претседателот порача дека е неопходно Република Северна Македонија да спроведе фер, слободни и демократски избори.