24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Пендаровски: Посетата на Шарл Мишел уверува дека имаме силна поддршка на европскиот пат

Претседателот Стево Пендаровски оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој престојува во работна посета на земјава.

На заедничката прес-конференција, Пендаровски му се заблагодари на Мишел бидејќи уште на почетокот на неговиот мандат јавно изразил поддршка за отпочнување на претпристапни преговори за Северна Македонија.

„Вашата посета нѐ уверува дека во Вас имаме силен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Членството во ЕУ, без никакви резерви, е наша основна стратешка цел и продолжуваме да работиме за нејзино исполнување“, истакна Пендаровски во своето излагање.

Претседателот нагласи дека иако минатиот октомври земјава доби непријани вести, сепак, постои голема надеж дека наскоро ќе има позитивни моменти за нашата европска интеграција.

„Се надеваме дека, многу скоро, уште во март оваа година, ќе биде усвоена новата методологија за водење на претпристапните преговори и дека наскоро ќе има позитивни вести за нашата европска интеграција. Очекуваме дека со новата методологија ќе се зајакне процесот на пристапните преговори, како политички така и во однос на кредибилитетот и одржливоста. Како што Ви истакнав и на нашата средба, ние сме подготвени да ја прифатиме новата методологија затоа што тоа е во наш интерес, процесот да биде одржлив и кредибилен“, му порача македонскиот претседател на Мишел.

Пендаровски додаде дека од сите политичати во земјава, вклучително и оние во опозиција, се очекува да продолжат со работа на реформската агенда и дека европската интеграција не е значајна само за Северна Македонија, туку за целиот регион.