Утре и задутре се случува големиот Вевчански карневал, што годинава се одржува под мотото „Напрај се Василичар“. Организаторите велат дека сите подготовки се завршени и ги повикуваат сите заинтересирани да бидат дел од големиот спектакал.
До посетителите се обрати и градоначалник на општина Вевчани, Сашо Јанкоски.
„Маските се подготвени, но како и секогаш, тие се чуваат во тајност. Василичарите го чекаат 13-ти јануари за конечниот почеток на карневалот стар со милениуми, за да се покажат. Најавуваат многу сатира креативност, но ние, традиционално, не се мешами во тоа. На нас е техничкиот дел од организацијата. Сепак, апелирав, а сега повторувам уште еднаш, маскарите да се воздржат од ликови и креации со кои би навредиле нечии чувства од верска, национална, или етничка природа – вели градоначалникот Јанкоски.
Манифестацијата, официјално, започнува напладне, со прием кој го приредуваат организаторите, во 12,30 часот. Час подоцна започнува масовната прошетка, додека дефилето на карневалот е од 14 часот. Од 21 часот има богата музичка програма, додека точно на полноќ, измегу 13 и 14 јануари, започнува прославата на Стара Нова Година, со голем огномет.
Годинава очекуваат рекорден број на посетители, многу повеќе од ланските над десетина илјади. Домаќините додаваат дека секоја година бројот се зголемува.
„Рестораните и кафеаните се подготвени за да ги пречекаат илјадниците гости. Неодоливата вевчанска кујна и вкусното вевчанско вино, познатите колбаси – луканци, се само дел од магнетот наречен Вевчани. Вековната традиција и историја на Вевчанци вреди да се почувствува, секој ден, а особено на Вевчанскиот карневал. Сега имаме и нешто сместувачки капацитети, но, секако, недоволно за големиот интерес. Затоа, пак, тука, на дофат, ни се Струга и Охрид така што и од тој аспект, гостите се добредојдени и ќе бидат задоволни како и секогаш“, напоменува градоначалникот Јанкоски.