Предлогот на министерот за внатрешни работи во преодната влада Наќе Чулев, за прв човек на СВР Скопје да биде поставен Ристе Ставревски е уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не се излезени од режимската матрица, реагираат од СДСМ.
„Јавноста го памети Ристе Ставревски како со тогашната министерка за внатрешни работи, а сегашна осуденичка Гордана Јанкуловска разговара за вршење на партиски агитации во предизборен период, како тогашен нејзин советник во кабинетот. Освен што бил советник на Јанкуловска, Ставревски беше сведок на одбраната на Груевски во случајот на СЈО „Тенк“ каде Груевски беше правосилно осуден на затворска казна“, велат од партијата.
Според СДСМ, човек кој бил десна рака на Јанкуловска, а потоа го бранел криминалот на Груевски, не може да раководи со СВР Скопје – еден од најважните сегменти на МВР.
Ваквиот предлог, додаваат од СДСМ, уште еднаш потврдува дека Наќе Чулев и Христијан Мицкоски се уште се во матрицата на ВМРО-МВРО, матрица на партизирана и злоупотребена полиција.
„Освен одбрана на криминалот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат обнова на режимот, обнова на злоупотреба на институциите во партиски цели, обнова на репресијата и заплашување кон граѓаните. Но тој филм Мицкоски нема да го гледа. Граѓаните нема да дозволат враќање на ВМРО-МВРО, нема да дозволат нови партиски злоупотреби на институциите, на 12 април ќе порачаат режим никогаш повеќе“, велат од СДСМ.