Претседавачот на воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич, за време на својата прва официјална посета на Република Северна Македонија по покана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, каде што се сретна со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
За време на средбата помеѓу генералот Ѓурчиновски и маршалот Стјуарт Пич се разговараше за тековните процеси што се преземаат во Армијата во пресрет на скорешното полноправно членство во НАТО, поддршката од највисокото воено советодавно тело на НАТО, како и за претстојната конференција на Воениот комитет, која ќе се одржи следната недела во Брисел.
Од Министерството соопштија дека на средбата со Шекеринска било заклучено дека Северна Македонија е подготвена за полноправно членство во НАТО и дека тоа ќе се случи набргу.
„Министерката Шекеринска искажа уверување дека позитивниот развој на настаните во Шпанија ќе овозможи нашата земја навреме да го ратификува протоколот за прием во алијансата. Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич, ги поздрави реформските чекори во трансформацијата на Армијата и ја истакната натамошната поддршка на планот на обуката и вежбите“, се наведува во соопштението.
Пич истакнал дека претстојната фаза на потполна интеграција се очекува да биде полесно остварлива со оглед на нашето досегашно искуство, како и дека можеме да очекуваме целосна поддршка од НАТО-командните структури на сите нивоа.