24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Наќе Чулев е новиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи

ВМРО-ДПМНЕ како предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада го кандидира Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање.

Наќе Чулев е дипломиран криминалист со постдипломски студии по мир и развој на Институтот за одбранбени и мировни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј Скопје“. Има богато искуство од областа на безбедносната политика и прашањата од Министерството за внатрешни работи.

„Во неговата богата биографија стои дека поминал низ програмата за тероризам и безбедносни студии ‘Џорџ Маршал’, Европскиот центар за безбедносни студии од Германија и Лондон, Велика Британија. Завршил обука и на Трансатлантската академија (ТАСА) при Универзитетот ‘Бон’ во Германија. Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот универзитет во Бугарија. Бил дел и од Школата на балканската мрежа за човекови права во Дубровник, Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евро-атлантска интеграција, што беше дел од НАТО-колеџот за одбрана“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Работи во Директоратот за разузнавање меѓународен тероризам и организиран криминал при Агенцијата за разузнавање. Чулев е и редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.

Во периодот од 2013 до 2017 година бил директор на Агенцијата за разузнавање. Од 2017 до 2019 бил генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно, во 2017 година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители. Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во Амбасадата на Македонија во Анкара од 2003 до 2007 година.