Висок руски дипломат предупреди дека светот се приближува кон нуклеарна војна и ги обвини членките на НАТО дека подготвуваат воен судир со Москва и учествуваат во напади врз руски бродови во Балтичкото Море.
Овие тврдења ги изнесе Дмитриј Полјански, постојан претставник на Русија во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја намали воената агресија во Европа, пишува „Њузвик“.
Предупредувањето дојде еден ден откако зетот на Трамп и негов пратеник за мировни прашања, Џаред Кушнер, изјави дека Путин покажал воздржаност со тоа што не употребил нуклеарно оружје против Украина. Кушнер наведе дека рускиот лидер ги уверил американските преговарачи оти нема намера да го стори тоа.
Обвинувања за подготовка на судир
Во Виена, Полјански укажа на воените вежби во близина на руските граници, како што е вежбата Freedom Shield 2026 и тврдеше дека тие се дел од подготовките за заземање на Калининград – руската ексклава сместена меѓу Полска и Литванија. Рускиот дипломат изјави дека военото планирање на Западот вклучува испраќање војници во Украина, блокада на Калининград и закани кон Белорусија, која е близок сојузник на Москва.
„Со други зборови, се вежба директен пат кон нуклеарна војна со Русија“, изјави Полјански, според извештајот на руската државна агенција ТАСС. „Сè повеќе се приближуваме кон тоа, делумно поради директното учество на одредени земји од НАТО во терористички напади врз руски цивилни пловни објекти во Балтичкото Море“, додаде тој.
Литванската војска ги опиша вежбите, предводени од Германија – кои треба да траат до 3 декември – како активности насочени кон подобрување на борбената готовност, оперативното планирање и соработката меѓу сојузниците. НАТО и понатаму тврди дека е исклучиво одбранбена алијанса.
Тензии на Балтикот и Членот 5
Изјавите на рускиот дипломат уследија по украинскиот напад со беспилотно летало врз рускиот товарен брод „Спарта II“ во Финскиот Залив, што се случи минатата сабота. По нападот, бродот доплови во фински води. Бродот е во сопственост на „Оборонлогистика“ – компанија што обезбедува логистички услуги за руското Министерство за одбрана. Во вторникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Киев стои зад нападот, додека Норвешка – која ја поддржува Украина – повика на претпазливост во однос на ваквите операции.
Тензиите меѓу Русија и НАТО дополнително се засилија откако, според полското обвинителство, три руски ракети минатата недела паднаа на полска територија. Според Членот 5 од Договорот на НАТО, кој се однесува на колективната одбрана, вооружен напад врз една земја-членка се смета за напад врз целата алијанса, што отвора можност конфликтот во Украина да се прошири./Извор:Makfax


