Centar.mk
фото Министерство за образование и наука
-МАКЕДОНИЈА

Јаневска: изградивме ефективен систем за образование на возрасните, остварената цел е нотирана во Извештајот на ЕУ за 2026 година

Образованието не е процес што завршува со завршувањето на одреден степен на формално образование. Напротив, учењето е процес што трае во текот на целиот живот. Намерно или спонтано, секојдневно стекнуваме нови информации, знаења и вештини кои нè прават покомпетентни, ни отвораат нови можности и ни помагаат подобро да одговориме на предизвиците во професионалниот и личниот живот. Токму затоа, сметам дека една од нашите важни општествени задачи е постојано да ја подигнуваме свеста за значењето на доживотното учење и да градиме култура во која надградувањето на знаењата и стекнувањето нови вештини ќе бидат прифатени како природен и неопходен дел од животот на секој човек.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на отворањето на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“, во организација на ЈУ Центар за образование на возрасни, посочувајќи дека промените започнати пред две години, насочени кон подобрување на неформалното и информалното образование, веќе даваат резултати.

„Нашата прва и клучна цел беше донесување нов Закон за образование на возрасните. Тоа го реализиравме. Поставивме основа за модерен систем кој ги препознава потребите на возрасните и им овозможува контиунирано образование. Со новата законска основа добивме и посилна клучна институција – Центарот за образование на возрасните. Го поедноставивме процесот на валидација на неформалното и информалното учење, односно процесот на признавање на стекнатите знаења, вештини и компетенции и тие да се претвораат во формално признати“, рече Јаневска.

Унапреден е и системот на формално основно образование за возрасни, давајќи им можност на оние кои поради било какви причини во минатото им останал незавршен овој процес или воопшто не го отпочнале. Како што рече министерката – образованието не смее да биде привилегија достапна само во одреден период од животот. Тоа мора да биде право и можност за секого, без оглед на возраста и животните околности.

„Со реформата која ја спроведовме, олеснет е пристапот до обуки, преквалификација и доквалификација, со што на луѓето им овозможуваме не само да останат активни на пазарот на трудот, туку и да напредуваат, да менуваат професионални насоки и да се справуваат со новите предизвици“, додаде Јаневска, потенцирајќи дека промените во системот на неформално образование се нотирани и во Извештајот на Европската унија за напредокот на земјата во 2026 година.

Министерката изрази благодарност до сите институции и установи – креатори на политики и правни норми, работодавачи, стопански комори, даватели на образовни услуги и организации вклучени во процесите на препознавање и валидирање на стекнатите компетенции, што придонесуваат за поквалитетно и поинклузивно образование на возрасните.

„Верувам дека нашата соработка ќе се издигне на уште повисоко ниво. Имаме стратегија, долгорочен план за одржливост и натамошен развој на системот на образование на возрасните. Важно е доследно да ги спроведуваме зацртаните политики, да ги зајакнуваме институционалните капацитети и да создаваме уште повеќе можности за секој граѓанин да учи, да се развива и да напредува“, рече Јаневска.

Институционалните заложби за поголема промоција на можностите за доживотно учење се насочени кон достигнување на европскиот просек од 47% вклученост на населението на возраст од 25 до 64 години, во различни типови образование. Сегашниот кај нас изнесува 25%.

На конференцијата се обратија и директорката на ЈУ Центар за образование на возрасни, Наиме Ислами Зеќири и претседателот на Советот за образование на возрасни, Александар Станкоски.

фото Министерство за образование и наука

Можеби ќе ве интересира

Мицкоски: Најголемата победа на општеството е секое дете да добие можност да победи во животот

ДЕСК

Јееј! Доаѓа НАЈГОООЛЕМАТА новогодишна детска забава со Биби, Боби, Тина и Моника!

ДЕСК

Средба Николоски -Зомер: Унапредување на економската соработка, инвестиции и туризмот

ДЕСК