Три илјади деца помалку се запишаа во прво одделение годинава, три илјади млади семејства се иселиле од земјава, до година којзнае колку семејства помалку ќе имаме и колку првачиња помалку, ако продолжи оваа изолација, предупреди претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции.
Филипче посочи дека иселувањето на младите семејства и намалувањето на бројот на првачиња се сериозен сигнал за последиците од изолацијата во која се наоѓа државата, додека земјите од регионот напредуваат кон Европската Унија, а Македонија останува без јасна европска перспектива.
Говорејќи за извештајот за напредокот на државата, Филипче рече дека нема напредок во ниту една од клучните области, вклучително правосудството, борбата против корупцијата, изборното законодавство и медиумите.
„Никаков напредок во ниту една клучна област, нешто што од нас го бараат и очекуваат и нашите странски партнери и Европската Унија, но и граѓаните. Нема никаков напредок во правосудството, во борбата со корупцијата, нема никаков напредок во изборното законодавство и нема никаков напредок во медиумите“, истакна Филипче.
Тој предупреди дека последиците од изолацијата не се само политички, туку директно се одразуваат врз економијата и иднината на граѓаните. Наместо да се користат европските фондови и грантови како можност за развој и промени, државата се задолжува за да обезбеди средства за тековно функционирање.
„Зајмивме пари за да трошиме. Има крај оваа приказна. А на располагање ни стојат европски фондови, грантови со коишто може да расте земјава, да се менува“, предупреди Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека Македонија ја пропушта можноста да биде дел од новиот бран на проширување на Европската Унија. Додека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија имаат јасен патоказ за следните чекори кон членство до 2030 година, Македонија не е дел од таа група.
„Ние бевме напред, ние бевме во пар со Албанија, па не тргнаа на страна. И сега се поставува клучното прашање зошто?“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека наместо да се отвори патот кон европска иднина, власта со години шири наратив дека европските интеграции и уставните измени се предавство, создавајќи страв и недоверба кон процесот.
Тој потесети и на пораките од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, посочувајќи дека европската перспектива не значи загрозување на македонскиот идентитет и јазик.
„Нас нè чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик. Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на власта изминативе години, дека сè што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓа во вода?“, истакна Филипче.
фото СДСМ


