Centar.mk
фото Собрание
-МАКЕДОНИЈА

Заедничка седница за Извештајот на Европската комисија: Реформите и европската перспектива на земјата

Денеска во Собранието се одржа заедничка седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која беше разгледан Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со фокус на постигнатиот напредок, предизвиците и препораките за понатамошно спроведување на реформите во земјава.

Седницата ја отворија претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, и претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче.

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, истакна дека земјата бележи високо ниво на подготвеност во одредени области, но нагласи дека е потребно забрзување на реформите, особено во правосудството. Како области на напредок ги издвои дигитализацијата, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и усвојувањето на препораките. Посочи и на потребата од дополнителни средства за судството.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, нагласи дека европската интеграција е стратешко национално прашање и дека Извештајот е можност за реална процена на напредокот и преточување на препораките во конкретни обврски. Таа ги посочи образованието, културата и дигитализацијата како области на напредок, но укажа и на слабостите во спроведувањето на темелните права, функционирањето на независните тела и институционалните капацитети. Притоа повика на конструктивен дијалог и истакна дека добрососедските односи треба да бидат мост кон Европската Унија.

Министерот за европски прашања, Беким Сали, оцени дека Извештајот овозможува суштинска расправа за состојбата на земјата во евроинтегративниот процес. Тој посочи дека Европската комисија го препознава ангажманот на земјата и целосната усогласеност со надворешната политика на ЕУ, но и областите во кои се потребни дополнителни напори. Нагласи дека за исполнување на препораките се неопходни политички консензус и заедничка работа.

Филипче даде историски осврт на процесот на пристапување на земјата кон Европската Унија, посочувајќи ги предизвиците и ризиците со кои се соочува. Тој се осврна на досегашниот тек на евроинтеграциите и потребата од јасна посветеност на европската перспектива.

Милошоски истакна дека Извештајот дава насоки за потребните подобрувања во законодавниот дом, со цел постигнување подобри резултати и изградба на функционална, правична и европски ориентирана држава. Тој ја нагласи важноста од активно собраниско учество во спроведувањето на реформите и исполнувањето на европските препораки.

По воведните обраќања следеше дебата на пратениците во рамки на која беа разменети мислења за наодите и препораките од Извештајот, како и за потребните чекори за забрзување на реформите и напредокот на земјата кон членство во Европската Унија.

фото Собрание

Можеби ќе ве интересира

ПОЛИЦИЈАТА ВО КУМАНОВСКО СО ТРИ ИНТЕРВЕНЦИИ – Пријавен напад врз малолетник и двајца возачи затекнати со прекршоци

ДЕСК

МРТВИ КУЧИЊА ПРОНАЈДЕНИ ВО БУТЕЛ – „АНИМА МУНДИ“ бара истрага за можно труење

ДЕСК

МУЦУНСКИ НА СРЕДБА СО УНГАРСКАТА МИНИСТЕРКА ВО АТИНА – Разговори за билатералната и европската соработка

ДЕСК