Шест уставни судови, членки на Форумот на балканските уставни судови (BCCF) едногласно усвоија Охридската декларација за време на 4. годишен состанок, кој се одржа од 12 до 14 ноември 2026 година во Охрид, во организација на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Целта на Декларацијата е да се утврдат заеднички насоки за зајакнување на независноста, транспарентноста и ефикасноста на уставните судови, зголемување на довербата на граѓаните во уставното судство, како и одговорна примена на современите технологии и вештачката интелигенција во функција на заштитата на човековите права и владеењето на правото.
Документот беше едногласно усвоен од претседателите и претставниците на шесте уставни судови кои се полноправни членки на Форумот:
Уставниот суд на Република Северна Македонија;
Уставниот суд на Република Албанија;
Уставниот суд на Република Бугарија;
Уставниот суд на Република Косово;
Уставниот суд на Црна Гора;
Уставниот суд на Република Турција.
На годишниот состанок учествуваа и претставници на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој има статус на набљудувач во Форумот, како и претставници на судови од Европа, Азија и Африка и на меѓународни судски институции и организации.
Трите столба на довербата: независност, транспарентност и ефикасност
Со Охридската декларација, уставните судови се заложуваат за натамошно унапредување на својата работа преку:
– Зајакнување на независноста, непристрасноста и професионалниот и личниот интегритет на уставните судии;
– Унапредување на транспарентноста и отвореноста кон граѓаните;
– Редовно информирање на јавноста за активностите и одлуките на уставните судови;
– Објавување соопштенија за судските одлуки на јазик разбирлив за пошироката јавност;
– Одржување редовни брифинзи со новинарите и комуникација преку социјалните медиуми;
– Навремено одлучување по предметите во разумен рок, без неоправдано одолжување на постапките;
– Примена на современи системи за управување со предметите и дигитални алатки за поефикасно функционирање на судовите.
Во Декларацијата се нагласува дека довербата на јавноста претставува основен предуслов за авторитетот и легитимитетот на уставните судови, а се гради преку независно, непристрасно и професионално одлучување и квалитетно образложени одлуки засновани на Уставот.
Вештачката интелигенција како помошна алатка, а не замена за судиите
Посебно значење во Охридската декларација е дадено на примената на вештачката интелигенција во уставното судство.
Уставните судови се согласни дека пристапот кон новите технологии треба да биде отворен, но претпазлив, имајќи ги предвид правните, етичките и организациските ризици поврзани со нивната употреба и ефектите врз правата на граѓаните.
Вештачката интелигенција може да придонесе за поефикасна обработка на предметите, но не смее да ја замени независната судиска анализа, правното расудување и одлучувањето на уставните судии.
Толкувањето на Уставот, оценувањето на правните аргументи и конечното одлучување по предметите мора да останат задача и одговорност на судиите.
Уставниот суд на Црна Гора го презема претседавањето со BCCF во 2027 година
На состанокот, покрај усвојувањето на Охридската декларација како завршен документ, едногласно беа донесени уште две одлуки:
-Предавање на претседавањето со Форумот за 2027 година на Уставниот суд на Црна Гора.
-Одржување на петтиот годишен состанок на Форумот во мај 2027 година во Црна Гора, во организација на тамошниот Уставен суд.
Со организирање на овој настан, Уставниот суд на Република Северна Македонија го заврши своето претседавање со Форумот, оставајќи основа за натамошно продлабочување на регионалната соработка и унапредување на стандардите за независно, транспарентно и ефикасно уставно судство.
Со усвојувањето на Охридската декларација беше заокружен работниот дел на Четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови, во чии рамки се одржа меѓународната конференција на тема „Современи предизвици за владеењето на правото: Улогата на уставните судови“.
Преку три работни сесии, со учество на повеќе од 20 домашни и странски говорници, беа дискутирани прашањата за зголемување на довербата на граѓаните во уставните судови и предизвиците на уставното судство во дигиталната ера.
На свеченото отворање се обратија претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот за правда, проф. д-р Јетон Шасивари,. Обраќање имаше и заменик – претседателот на Владата Александар Николоски. Преку видео врска се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал. Конференцијата обедини претседатели и судии на уставни судови од Европа, Азија и Африка, учествуваа потпретседателката и член на Венецијанската комисија, судија од Европскиот суд за човекови права, генералниот секретар на Конференцијата на африканските уставни институции, претседателите на уставните судови на Австрија, Турција, Азербејџан, Бугарија, Косово, Египет, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина.


