Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

АХВ и Серафимовски одбија да ги објават фирмите што продаваат небезбедно млеко додека Косово враќа 12 тони млечни производи, вели Левица

Последниот скандал во кој косовските власти од граница вратија над 12 тони млечни производи од тетовска млекарница поради присуство на опасната бактерија Ешерихија коли, е уште еден доказ за целосниот распад во АХВ.

Ваквиот исход не изненадува по срамниот одговор на министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, на писменото пратеничко прашање – дека не смеел да ги открие имињата на млекарниците од аферата со канцерогеното млеко бидејќи наводно „немало последици по здравјето на граѓаните“. Со криењето на овие фирми зад бирократски изговори, министерот директно се става во улога на адвокат на крупниот капитал и бизнис-лобито, наместо да го штити народот.

Се поставува клучното прашање до новиот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Јовица Андовски: Како производи со Ешерихија коли воопшто добиле дозвола и сертификат за извоз од неговата институција? Третпат годинава истиот производител е фатен од странски инспектори, додека АХВ ги крие фирмите и нè убедува дека нивните контроли биле „уредни“.

Очигледно е дека промената на директорската фотелја не донесе транспарентност и заштита за граѓаните, туку само продолжување на заштитата на сомнителните бизнис-интереси.

Додека власта ги крие фирмите кои увезуваат и преработуваат сомнително и канцерогено млеко, македонските сточари се принудени да го фрлаат сопственото квалитетно млеко по нивите бидејќи нема кој да им го откупи.

Левица бара итно:

1. Јавно и транспарентно објавување на имињата на сите компании и млекарници вклучени во скандалите со небезбедно и канцерогено млеко.

2. Политичка одговорност и оставки од директорот на АХВ, Јовица Андовски, и министерот Борче Серафимовски поради прикривање информации од јавен интерес и институционални пропусти.

3. Вонредни и независни контроли во сите млекарници и преработувачки капацитети, како и јавно објавување на записниците за уништените количини.

4. Заштита на домашното сточарство преку строга контрола и ограничување на увозот на сурово млеко и млеко во прав.

Доста е од криење на профитерите на сметка на здравјето на граѓаните и маката на земјоделците.

Можеби ќе ве интересира

Шест уставни судови од Балканот ја усвоија Охридската декларација: независноста, транспарентноста и ефикасноста во функција на поголема доверба во уставните судови

ДЕСК

ПРИВЕДЕНА ДРЖАВЈАНКА НА БРАЗИЛ ВО ТЕТОВСКО – Осомничена за непријавен престој и злоупотреба на престојот

ДЕСК

СО ПУШКА МУ СЕ ЗАКАНУВАЛ НА ВРАБОТЕН ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ШАР ПЛАНИНА“ – Непознатото лице побегнало

ДЕСК