Centar.mk
фото: Министерство за образование и наука
-МАКЕДОНИЈА

Јаневска на одбележувањето 80 години Фулбрајт програма: Академската размена гради трајни вредности, партнерства и меѓусебна доверба

Фулбрајт програмата веќе 80 години создава можности за учење, истражување и професионален развој на илјадници студенти и научници ширум светот. На свеченото одбележување на јубилејот, за значењето на македонско-американската програма за академска размена говореа министерката за образование и наука Весна Јаневска, в.д. амбасадорката на САД во Македонија Никол Варнс и професорот Атанас Кочов, поранешен претседател на американско-македонската алумни асоцијација.

Министерката Јаневска рече дека дамнешната визија на сенаторот Фулбрајт за градење меѓусебно разбирање меѓу народите преку образованието е особено актуелна денес, кога светот се соочува со сѐ поголеми предизвици и поделби. Меѓународната академска соработка има важна улога во градењето трајни вредности, партнерства и меѓусебна доверба.

Изразувајќи благодарност до сите кои во изминатите години ја поддржувале и развивале програмата, Јаневска ја нагласи можноста голем број талентирани млади луѓе, научници, истражувачи и професионалци да учат едни од други и да придонесуваат за подобар свет.

В.д. амбасадорката Варнс укажа дека повеќе од 450.000 студенти, истражувачи и професионалци од над 160 земји студирале во Соединетите Американски Држави или во странство со американска поддршка.

„Програмата Фулбрајт изнедри државници, добитници на Нобелова награда, научници и претприемачи. Денес, Фулбрајт останува водечката академска програма за меѓународна размена на Стејт департментот“, посочи в.д. амбасадорката Варнс, додавајќи дека со децении, добитниците на Фулбрајт максимално ги искористуваат можностите што ги нуди оваа програма и се враќаат дома за да придонесуваат, создаваат и водат.

Осврнувајќи се на придобивките од програмата, и министерката Јаневска посочи дека македонските стипендисти кои престојуваат во Соединетите Американски Држави стекнуваат драгоцено лично и професионално искуство.

„Тоа го говорат алумните на програмата и се покажува во нивните подоцнежни резултати. Секако, предизвик е да бидеш стипендист на некој од американските универзитети рангирани на врвот од светските листи, каде има и што да се види и што да се научи. Тоа е можност за пристап до различни стандарди за истражување и настава, како и до професионални мрежи што траат и по завршувањето на стипендијата. По нивното враќање, стекнатото знаење го применуваат на универзитетите, лабораториите, институциите и училиштата. За земја во развој ова е значајно вложување во човечки капитал“, укажа министерката.

Еднакво значајна е и можноста американски студенти, професори и истражувачи преку програмата да ја запознаат Македонија, нејзините природни убавини, културното наследство и гостопримството на граѓаните, создавајќи пријателства и партнерства кои продолжуваат и по завршувањето на нивниот престој во земјава.

„Токму овие искуства ја прават Фулбрајтовата програма исклучителна и ѝ даваат вредност што ги надминува рамките на академската размена“, рече Јаневска.

Министерството за образование и наука останува отворено за натамошно продлабочување на соработката преку заеднички проекти, институционални партнерства и мобилност на студенти и истражувачи.

„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Фулбрајтовата програма, бидејќи таа отвора можности за уште поголема поврзаност меѓу македонскиот и американскиот народ“, рече министерката Јаневска.

Професорот од Машинскиот факултет во Скопје, Атанас Кочов рече дека искуството од реализираната студиска посета на САД преку „Фулбрајт“ значително го променила начинот на кој тој ги спроведувал истражувањата овде.

„Горд сум на придонесот да се зголеми бројот на стипендии за научници и истражувачи, како и да се отворат повеќе можности за студентите од Македонија во рамките на оваа програма. Секоја дополнителна стипендија му дава некому шанса да спроведе истражување или да студира во странство, а потоа да донесе нови идеи и познанства во својата работа дома. Им благодарам на Министерството и на Амбасадата што го овозможија тоа“, рече Кочов.

фото: Министерство за образование и наука

Можеби ќе ве интересира

Шасивари од Манила: Насилството врз децата бара одговор што ги надминува државните граници

ДЕСК

Митрески: 51 милион евра не се префрлени во вториот пензиски столб – во ризик пензиските заштеди на граѓаните

ДЕСК

Ковачевски до Јаневска: Се затвораат училишта и се спојуваат паралелки – дали децата ќе добијат поквалитетно образование?

ДЕСК