Според тврдењата на руските власти, во текот на ноќта, Украина извршила еден од најголемите напади со беспилотни летала врз Русија од почетокот на војната. Според зборовите на градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, околу 600 беспилотни летала се упатиле кон московскиот регион. Поголемиот дел од нив, тврди тој, биле соборени далеку од главниот град, додека 191 беспилотно летало биле соборени во непосредна близина на Москва.
Руското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека низ целата земја биле соборени вкупно 1.336 украински беспилотни летала. Доколку оваа бројка се потврди, тоа би претставувало најголем број пресретнати летала во еден воздушен напад од почетокот на руската инвазија врз Украина пред речиси пет години, пишува „Асошиејтед прес“.
Украина ги зачести воздушните напади со долг дострел врз Русија, незаконски анектираниот полуостров Крим, како и врз Црното и Азовското Море. Во последните месеци, во одредени дневни напади биле употребени повеќе од илјада беспилотни летала.
Украинците го нападнаа Кримскиот мост
Украина, исто така, изврши напад врз Кримскиот мост – клучна сообраќајница преку која Крим се снабдува со воени и цивилни добра од Русија. Мостот е, исто така, симбол на незаконската анексија на полуостровот од страна на Русија во 2014 година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нападот предизвикал „мала штета“, а управата на мостот соопшти дека патниот сообраќај бил повторно воспоставен во понеделникот вечерта./Извор:Makfax


