Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната прес-конференција нагласи дека случајот со бруталното насилство врз Сара од Охрид уште еднаш покажа дека институциите се само инструмент на власта и не ја гарантираат безбедноста на жените.
Тренчевска, обвини дека наместо навремено и професионално постапување, институциите дозволија жртвата да заврши во болница, а насилникот да биде пуштен на слобода, што отвора сериозни сомнежи за политички влијанија и заштита од локални ВМРО-вски функционери.
„Последниот случај со насилството врз Сара од Охрид повторно потврди дека институциите не функционираат, не ја гарантираат безбедноста на жените и служат само како инструмент на власта за заштита од одговорност“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека доколку немаше силна реакција од граѓаните, невладините организации и СДСМ, случајот ќе завршеше со ослободување на насилникот, додека жртвата се бори за своето здравје и безбедност.
„Да не беше брзата гневна реакција на граѓаните, на невладините организации, на СДСМ, ќе ја видевме старата шема на ВМРО. Жртвата во болница и страв за својот живот, а насилникот на слобода поради врски со локалните ВМРО-вски функционери. Затоа го ослободиле да си оди дома. Па откако јавноста гневно реагираше, под притисок се загрижија за себе и реагираа“, рече Тренчевска.
Тренчевска, нагласи дека недозволиво е одлуките на институциите да зависат од притисокот на јавноста, наместо од законите и доказите. Таа посочи дека промената на одлуката и одредувањето притвор по реакциите во јавноста се доказ за нефункционалноста на системот.
„Го сменија обвинителот, сменија одлука. Одеднаш им текна на нови околности и го однесоа во притвор. Тоа не е систем. Тоа е партиска контрола која работи по наредби од горе. Има бројни примери – Биљана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје, Сара од Охрид. Безбедноста на жените не смее да биде калкулација на ВМРО“, рече Тренчевска.


