Јапонија утринава крена борбени авиони откако две летала, за кои постои сомневање дека се руски, го нарушија нејзиниот воздушен простор. Токио упати остар дипломатски протест до Москва поради инцидентот и побара вакви настани да не се повторуваат, пренесува АФП.
Според јапонското Министерство за одбрана, летала влегле во јапонскиот воздушен простор северозападно од островот Окиношима, недалеку од Фукуока. Јапонските воздухопловни сили веднаш испратија борбени авиони за да издадат предупредувања.
Два упади во рок од две минути
Првото летало навлезе во јапонскиот воздушен простор приближно во 04:07 часот по локално време и таму остана околу три минути. Второто навлезе две минути подоцна, во 04:09 часот, и исто така се задржа околу три минути.
Од јапонското Министерство за одбрана изјавија дека двете летала потоа поминале низ теснецот Цушима, а потоа прелетале помеѓу Тајван и јапонскиот остров Јонагуни, пред да продолжат кон Тихиот Океан.
„Нарушувањето на нашиот национален воздушен простор од страна на руски летала не е само сериозно кршење на суверенитетот на нашата земја, туку и закана за нашата безбедност, што е целосно неприфатливо“, изјави портпаролот на јапонската влада, Минору Кихара.
„Упативме многу остар дипломатски протест до Русија и цврсто побаравме преземање мерки за да се спречи повторување на вакви инциденти“, додаде тој.
И Јужна Кореја крена борбени авиони
Истиот ден, и Јужна Кореја крена борбени авиони откако неколку руски воени летала навлегоа во нејзината Зона за идентификација на воздушната одбрана, позната како KADIZ.
Според Здружениот генералштаб на Јужна Кореја, руските летала влегле во зоната над Источното Море, познато и како Јапонско Море.
Јужнокорејската војска ги детектирала уште пред да влезат во зоната и испратила борбени авиони кои биле подготвени да реагираат доколку е потребно.
Руските летала потоа ја напуштиле областа без да го нарушат јужнокорејскиот воздушен простор.
За разлика од националниот воздушен простор, Зоната за идентификација на воздушната одбрана служи за рано откривање и следење на странски летала. Влегувањето во таква зона, само по себе, не претставува нарушување на националниот суверенитет./Извор:Makfax


