Соопштение на АНБ:
Агенцијата за национална безбедност континуирано ги следи состојбите поврзани со глобалните безбедносни закани и предизвици со кои се соочува Европа и регионот во изминатиот период. Од почетокот на 2026 година Агенцијата во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, но и во координација со МВР-БЈБ на национално ниво преземаше активности за разоткривање на намери и планови на лица надоврзани на странски/ирански фактори, за извршување на терористички акти.
Во таа насока Агенцијата презеде сет од оперативно-технички и аналитички активности со цел разоткривање на прокси мрежа од земјава, надоврзана на иранскиот државјанин Edris Jahangiri Mavaneh, издиференциран како лице поврзано со други прокси актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и негова поврзаност со нарко босот Naji Sharifi Zindashti.
Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаа подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт/атентат врз лице во Грција.
Во координација и размена со странски партнерски служби беше разоткриен нивниот modus operandi, за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин, кој е главен носител на планираната терористичка акција. Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно истиот е соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби.
Ваквите конекции, како и фактот дека изминатиот период повеќе земји се соочија со терористички закани и напади од страна на ирански прокси актери, е во корелација со обидите на иранските разузнавачки служби за нивно затскривање преку криминални прокси мрежи во трети земји, вклучително и Македонија.
Агенцијата во рамките на своите надлежности останува фокусирана кон зачувување на националната безбедност, за што ќе продолжи со активности за детектирање и спречување на евентуални терористички закани преку прокси елементи од Иран, како и разоткривање на други лица инволвирани во ирански прокси мрежи.


