Форумот на жени на СДСМ на денешната прес-конференција го осуди бруталното насилство врз младата Сара во Охрид и побара итна заштита за девојката, целосно расчистување на случајот и одговорност за сите пропусти и обиди за прикривање.
„Изразуваме целосна поддршка и солидарност со Сара и целото нејзино семејство. Таа заслужува заштита, мир и услови за закрепнување. Не страв дека повторно ќе биде нападната“, порача Кети Штерјова.
Осврнувајќи се на потресното сведоштво на мајката, Штерјова посочи дека, според нејзините наводи, осомничениот бил пуштен на слобода, додека Сара е во болница и стравува за сопствената безбедност. Таа побара да се испитаат и наводите за обиди за прикривање на случајот и влијание врз медицинската документација, како и сомнежите за користење семејни и партиски врски за заштита на осомничениот.
Штерјова упати остри критики кон министерот Панче Тошковски, обвинувајќи ја власта за создавање систем на неказнивост, партизација на институциите и заштита на лица блиски до ВМРО-ОКГ.
„Неказнивоста ги охрабрува насилниците. Пропустите на МВР и штитењето на криминалот имаат фатални последици“, истакна таа.
Штерјова ги критикуваше и владините приоритети, посочувајќи дека се издвојуваат милионски суми за прослави, додека недостигаат средства за механизми за заштита од насилство.
„Нема пари за електронски алки, а има за Гета од 5,53 милиони евра“, рече Штерјова.
Во име на Форумот на жени на СДСМ, таа побара итно утврдување на сите пропусти, влијанија и евентуални обиди за заштита на осомничениот, како и одговорност и разрешување на одговорните лица.
„Бараме итна и ефективна заштита на Сара. Како жени, нема да молчиме туку силно ќе се спротивставиме. Нема да прифатиме жените во Македонија да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи само затоа што се блиски до ВМРО“, порача Штерјова.
Таа нагласи дека Форумот на жени ќе продолжи да се спротивставува на злоупотребата на моќта, политичките притисоци и неказнивоста.
„Пред нас е борба со мафијата – против злоупотребите на ВМРО, против злоупотреба на моќта, врските и притисоците, против неказнивоста. Бандата ќе одговара“, заклучи Штерјова.


