Претседателството на Демократскиот сојуз, на денешната проширена седница, расправаше за актуелните геополитички и безбедносни состојби, протестите во повеќе европски држави и нивните рефлексии во Македонија, предизвиците со кои се соочува државата, како и за новите програмски приоритети на Демократскиот сојуз.
Анализите укажуваат дека меѓу основните причини за протестите во европските држави се високото ниво на корупција, нефункционалноста на образовниот и здравствениот систем, неправедната распределба на доходот, сиромаштијата, ограничените можности младите да дојдат до сопствен дом, како и незадоволството од миграциските политики.
Демократскиот сојуз смета дека се неопходни дополнителни напори за деблокирање на евроинтеграциските процеси на Македонија, темелна анализа на причините за општественото незадоволство и протестите во европските држави, како и јасно дефинирање на националните приоритети и развојните политики на државата.
Демократскиот сојуз се залага за бескомпромисна, ефикасна и ефективна борба против криминалот и високата корупција. За тоа е неопходна темелна реформа на правосудниот систем во целина, преку донесување закон за борба против тешките облици на криминал, целосна департизација на институциите и воспоставување независен институционален механизам, ослободен од влијанието на политичките и бизнис-елитите.
Постојниот правосуден систем ја губи довербата на граѓаните и не обезбедува доволно гаранции за владеење на правото и еднаква примена на законите. Затоа, потребно е донесување закон за работата на Уставниот суд, утврдување ограничен мандат на судиите, со темелна евалуација на нивната работа на секои седум години, како и утврдување кривична одговорност за коруптивни одлуки. Неопходни се и поголема транспарентност во работата на судовите и преиспитување на законските можности за спогодување со обвинетите за корупција, со цел да се спречи нивното користење како механизам за избегнување соодветна одговорност.
Новиот Кривичен законик треба да се усогласи со релевантните директиви на Европската Унија, особено во делот на хармонизацијата на кривичната одговорност за високата корупција и конфискацијата на имот стекнат со криминал.
Здравството и образованието мора да станат вистински јавни системи достапни под еднакви услови за сите граѓани. Потребна е суштинска реформа на здравствениот систем, со еднаков пристап до квалитетни здравствени услуги, како и реформа на образованието, вклучително и затворање на високообразовните установи кои не ги исполнуваат академските стандарди и издаваат дипломи без соодветно исполнување на студиските обврски и полагање испити.
За младите е потребна јасна и долгорочна стратегија, која ќе понуди реални можности за решавање на станбеното прашање, започнување сопствен бизнис и професионален развој во државата. Младите треба да имаат перспектива тука да живеат, создаваат и да ја градат својата иднина.
Демократскиот сојуз дел од овие прашања ќе ги иницира и преку собраниските механизми, меѓу кои и донесување закон за борба против тешките облици на криминал.
Програмата и политиките на Владата мора да се приспособат на новите глобални и европски предизвици и промени.
Истовремено, за клучните национални и државни интереси потребно е иницирање и градење поширок политички и граѓански консензус.
Во оваа насока потребен е заеднички настап и единство пред Европската Комисија за забрзано движење на Македонија кон полноправно членство во ЕУ.
фото Демократски сојуз


