Американската Федерална администрација за воздухопловство (FAA) ја укина националната забрана за полетување, воведена во петокот по сериозни проблеми во комуникациските системи на контролата на летање. Воздушниот простор беше повторно отворен во 20:15 часот по источноамериканско време, односно во 02:15 часот во саботата по македонско време.
Според американските власти, прекинот бил поврзан со нестабилност на комуникациската инфраструктура и проблеми во системите што ги користат центрите за контрола на воздушниот сообраќај. Министерот за транспорт Шон Дафи предупреди дека укинувањето на забраната не значи моментално враќање на нормалниот распоред, бидејќи авиокомпаниите треба повторно да ги распоредат авионите и екипажите.
Илјадници летови беа откажани или одложени, а нарушувањата се очекува да продолжат и во текот на саботата. Надлежните соопштија дека засега нема докази за злонамерен напад врз системот. Патниците се повикани да го проверат статусот на својот лет директно кај авиокомпаниите пред да тргнат кон аеродромите.


