Centar.mk
СВЕТ

Шји Џинпинг: Мора да се постигне повторно обединување на Тајван со Кина

Текот на историјата не може да се запре, изјави денеска кинескиот претседател Шји Џинпинг, повикувајќи на целосно повторно обединување на Тајван со татковината. Тој вети дека тоа ќе се постигне по мирен пат, без да ја спомене можноста за употреба на сила.

Кина го смета демократскиот, самоуправен Тајван за своја територија, тврдење на кое остро се спротивставуваат властите во Тајпеј, и постојано го предлага моделот на автономија „една земја, два система“, кој не е поддржан од ниту една поголема тајванска политичка партија.

„Решавањето на прашањето за Тајван е непоколеблива историска мисија на Комунистичката партија на Кина“, рече Шји во говорот одржан денеска во Големата сала на народот во Пекинг.

„Текот на историјата не може да се запре“, додаде тој. „Целосното повторно обединување на татковината мора да се постигне, и тоа сигурно ќе биде постигнато.“

Шји ги даде овие изјави во говор по повод 160-годишнината од раѓањето на револуционерниот херој Сун Јат-сен, кој помогна во предводењето на востанието од 1911 година, со кое беше ставен крај на повеќевековното царско владеење.

„Кина се придржува до принципот на мирно повторно обединување и политиката ’една земја, два система‘ и е подготвена да води дијалог со Тајван заснован на почитување на принципот на една Кина“, додаде Шји.

Притоа, тој алудираше на ставот на Пекинг дека двете страни на Тајванскиот теснец се дел од една единствена држава.

„Сите Кинези, вклучително и оние во Тајван, треба да ги здружат силите во спротивставувањето на сепаратистичките елементи кои се залагаат за независност на Тајван, и да работат на мирен развој на односите преку Тајванскиот теснец“, додаде Шји.

Тајванската влада не одговори веднаш на барањето за коментар. Кинеската војска секојдневно дејствува во областа околу Тајван.

Минатиот месец, Тајван ги повика своите граѓани да се воздржат од учество на кинески настани со кои се одбележува овогодинешната годишнина, тврдејќи дека Кина ја искривува историјата за Сун и неговото наследство.

Пекинг го смета Сун за голем национален херој и патриот, како и за претходник на комунистичката револуција од 1949 година – настан што ја принуди поразената влада на Република Кина да побегне во Тајван, каде што таа останува до ден-денес.

Во Тајван, Сун официјално се смета за „татко на нацијата“, а неговиот портрет стои во кабинетот на претседателот. Сепак, неговата политичка филозофија, позната како „Три народни начела“, веќе не е задолжителна лектира за учениците./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Шефот на НАТО: Русија губи повеќе војници месечно отколку што САД изгубија во целата Виетнамска војна

ДЕСК

Украинците погодија моќен руски ракетен брод

ДЕСК

Комбе излета од пат во Непал, се превртувало 700 метри: најмалку 10 загинати

ДЕСК