Делегацијата на Европската Унија во Македонија побара сериозно разгледување на поплаките за условите во реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје. Реакцијата следува откако студентите пријавуваа проблеми со греењето, влагата, протекувањето вода и други технички недостатоци во објектите.
Од Делегацијата информираат дека нивни претставници го посетиле домот за да ја проверат состојбата. Реконструкцијата била поддржана од ЕУ, Владата и германската развојна банка, а објектите се пуштени во употреба на 30 септември и сè уште се во гарантен период.
Европските претставници посочуваат дека утврдените градежни недостатоци треба да се пријават и да ги отстранат одговорните изведувачи. Во исто време бараат јавните информации да се проверуваат, а студентските забелешки да не се игнорираат.


