Centar.mk
(Извор на фотографии и видео: Подекс-Повекс 2026)
БИЗНИСПРОМО

Лашкоска: Нема одложување на новите еколошки обврски за индустријата

Законот за контрола на индустриски емисии почнува да се применува во септември 2027 година. Усогласувањето на капацитетите и институционалниот надзор ќе бидат важни и за довербата во рударските средини.

Законот за контрола на индустриски емисии ќе почне да се применува од септември 2027 година, а одложување на обврските нема да има, порача заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска на панелот „Рударство, развој и животна средина“, одржан во рамки на Стручното советување со меѓународно присуство ПОДЕКС–ПОВЕКС во Охрид. За опфатените рударски и индустриски капацитети, тоа значи усогласување со еколошките барања преку условите во дозволите, примената на најдобрите достапни технологии и следењето на емисиите.

Според Лашкоска, средбите со сопствениците и менаџерите на индустриски капацитети, што Министерството ги реализирало изминатиот период,  покажале дека компаниите се многу добро запознаени со новите законски одредби. Потребните приспособувања ќе зависат од нивната дејност и технологија, а може да опфатат вложувања во производствените процеси и опремата за намалување на загадувањето.

Таа нагласи дека економското значење на рударството не ја намалува обврската за заштита на животната средина и најави посилен надзор околу примената на Законот за животна средина од страна на рударските и генерално индустриските субјекти.

„Во ова законодавство се наметнува транспарентно информирање на јавноста, вклучување на јавноста во донесувањето на политиките, а многу важен е и мониторингот и инспекцискиот надзор. Она што можам да го ветам е уште позајакнат надзор во наредниот период.“

Во рударските средини, спроведувањето на прописите е поврзано и со односот меѓу компаниите и населението. Градоначалникот на Пробиштип и поранешен директор на рудник, Тони Тоневски, во истата панел дискусија го истакна значењето на постоењето на активен концесионер кој инвестира во заедницата и придонесува за локалниот економски развој. Довербата, според него, бара транспарентност и отворено соочување со проблемите.

„Довербата можеме да ја вратиме ако сите ние, и инвеститорите, тие што работат во рударскиот сектор, институциите, локалната заедница, сите работиме транспарентно, отворено, сериозно им приоѓаме на проблемите. Не смееме да ги криеме и да ги тргаме на страна проблемите, туку треба одговорно и транспарентно на граѓаните да им ја објаснуваме целата постапка.“

Пораката од Охрид беше: рударството и животната средина не се противници. Одговорното рударство значи почитување на прописите, грижа за животната средина, ефикасен институционален надзор и постојан дијалог со заедниците во кои се одвива рударската дејност. Само така рударството може да придонесува за економијата и да ја гради довербата кај граѓаните.

(Извор на фотографии и видео: Подекс-Повекс 2026)

Можеби ќе ве интересира

Министерката Божиновска дел од државната делегација на COP31 во Турција

ДЕСК

Компаниите што редовно исплаќале плати преку „АЛТА банка“ АД Битола ќе можат да вршат исплата на плати и придонеси

ДЕСК

АРКТИКОТ ПОВТОРНО ВО ФОКУСОТ НА НАФТЕНИТЕ КОМПАНИИ – Канада разгледува промена

ДЕСК