Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во текот на градежните активности за изградба на новата училишна зграда во рамки на ООУ „Гоце Делчев“ во населба Илинден, каде интензивно се работи на реализација на овој значаен капитален проект.
Градежните активности се одвиваат согласно предвидената динамика, при што целосно се завршени фасадните и лимарските работи, додека во тек се молерофарбарските работи, изведбата на водоводната и канализациската инсталација, како и работите поврзани со ПВЦ столаријата.
Со реализацијата на овој проект ќе се создадат современи и функционални услови за одвивање на наставата, а повеќе од 1.000 ученици ќе добијат можност да ја следат наставата во една смена, со што значително ќе се унапреди организацијата и квалитетот на образовниот процес.
Новиот училишен објект ќе се простира на површина од над 900 м², на два ката, и ќе располага со 10 училници, шест санитарни јазли, од кои два приспособени за лица со попреченост, лифт, наставничка канцеларија и две помошни простории.
При увидот, градоначалникот Георгиевски истакна дека вложувањата во образовната инфраструктура остануваат еден од главните приоритети на локалната самоуправа, со континуирани инвестиции во подобрување на условите во сите основни училишта на територијата на општината.
Изградбата на новата училишна зграда се реализира во соработка со Владата и Министерството за образование и наука и претставува значаен придонес кон создавањето современ, квалитетен и инклузивен образовен систем во Општина Илинден.
фото Општина Илинден


