Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ потпишаа Меморандум за соработка, со цел зајакнување на заедничките напори за заштита и унапредување на правата на детето, како и за превенција на детското престапништво и унапредување на системот на правда за децата.
Со потпишувањето на Меморандумот се воспоставува рамка за институционална соработка заснована на начелото за најдобар интерес на детето, почитувањето на правата на детето, националното законодавство и меѓународните стандарди за заштита на детските права.
Соработката ќе се реализира преку меѓусебна поддршка и спроведување заеднички активности, иницирање и промоција на истражувања и анализи, размена на информации, податоци и стручни сознанија, како и подготовка и споделување едукативни, стручни и истражувачки материјали од областа на правата на детето, превенцијата на детското престапништво и правдата за децата.
Посебен акцент ќе биде ставен на континуираната комуникација и координација, организирањето работни состаноци, стручни расправи и дискусии, како и на искористувањето на институционалните и стручните капацитети на двата потписника.
Преку оваа соработка, Државниот совет ќе ја остварува својата координативна и иницијативна улога, додека Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ќе придонесува со својата долгогодишна експертиза, искуство и стручни капацитети во областа на заштитата и унапредувањето на правата на детето.
Потпишувањето на Меморандумот претставува значаен чекор кон унапредување на меѓусебната соработка и обединување на институционалните и граѓанските капацитети во насока на создавање посигурна, поправедна и похумана средина за секое дете.
Заштитата на правата на децата и остварувањето на нивниот најдобар интерес бараат континуирана посветеност, заедничко делување и партнерство.
фото: Државен совет за превенција на детско престапништво и правда за деца


