Министерството за правда ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење, со што продолжува процесот на сеопфатна реформа на казненото законодавство и негово усогласување со европските стандарди.
Новиот Кривичен законик се подготвува по три децении, а заедно со новиот Закон за кривичната постапка треба да обезбеди поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, подобра заштита на жртвите и поголема правна сигурност за граѓаните.
Суштината на реформата не е само во донесувањето нови закони, туку во нивната примена и резултатите што треба да ги почувствуваат граѓаните. Целта е да се создаде законска рамка што ќе овозможи ефикасни истраги, правични судски постапки, еднаква примена на законот и одговорност без исклучоци.
Подготовката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година, а работната група предводена од академик Владо Камбовски во периодот од 2020 до 2026 година спроведе широки консултации со претставници на правосудството, академската заедница, надлежните институции и граѓанските организации.
Во предложениот текст се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија, а во текот на консултациите беа разгледани повеќе од 50 мислења и предлози.
Паралелно се работеше и на новиот Закон за кривичната постапка. Експертската работна група предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ, составена од 25 членови, ја заврши подготовката на текстот во октомври 2026 година. Предлогот предвидува усогласување со 25 релевантни европски директиви и стандарди.
Меѓу клучните решенија се унапредувањето на конфискацијата, финансиските истраги, електронските докази, посебните истражни мерки, заштитата на жртвите, како и можностите за одржување рочишта и изведување докази на далечина.
Во подготовката на двата законски текста значајна поддршка обезбедија меѓународните партнери, особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Со доставувањето на предлозите до Европската комисија, Министерството за правда продолжува со исполнувањето на обврските од Реформската агенда и усогласувањето на домашното законодавство со европското право.
Реформата на казненото законодавство треба да донесе конкретни промени во функционирањето на правосудниот систем. Нејзината вистинска вредност ќе се покаже во поефикасните истраги, поправичните судски постапки, посилната заштита на правата и поголемата правна сигурност за секој граѓанин.


