Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го пушти во употреба современо опремениот фризерско-козметички кабинет наменет за средното училиште на Град Скопје „Димитар Влахов“. Кабинетот располага со 6 фризерски работни места, 2 берберски, 2 позиции за шминкање, како и опрема за маникир и козметички третмани, простор во кој талентот ќе се развива, знаењето ќе се применува, а младите ќе ги прават првите чекори кон својата професија.
– Ова е можност еден млад човек да открие во што е најдобар и да изгради иднина со сопствените знаење, труд и вештини. Тука учениците ќе вежбаат едни на други, ќе ги совладуваат фризерските техники, ќе користат професионална опрема и ќе учат како се гради доверба со клиентот. Чекор по чекор, со поддршка од професорите, ќе стекнуваат искуство и самодоверба за вистинските предизвици на својата идна професија. Особено значајно е што во рамките на практичната настава ќе можат да им нудат услуги по субвенционирани цени на учениците од другите средни училишта. Така, практичната работа добива уште поголема вредност, а младите добиваат дополнителен мотив да го изберат стручното образование и да ја препознаат својата иднина во него. Верувам во овие млади луѓе. Во нивните вредни раце, во нивната креативност и во желбата да успеат – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека обврска на Град Скопје е да им обезбеди услови на младите со кои ќе можат да го покажат сето она што го умеат, бидејќи најдобро се учи кога теоријата се претвора во практика, а практиката во професија.
– Вложуваме во младите денес, за утре да стојат цврсто на свои нозе. Со свој занает. Со своја кариера. Со можност да создадат и сопствен бизнис. Нивниот успех е успех на Скопје – рече Ѓорѓиевски.
Фризерско-козметичкиот салон за учениците од „Димитар Влахов“ се наоѓа на булеварот Партизански одреди во Лептокарија во непосредна близина на Универзитет Скопје.
фото Град Скопје


