Мајка и ќерка се пронајдени мртви откако исчезнале за време на прошетка во канадската провинција Британска Колумбија. Според нивното семејство, постои сомневање дека биле нападнати од гризли мечка.
Исчезнувањето на Џенифер Балкарас (48) и нејзината ќерка Села Рид (20) било пријавено во неделата, откако тие не се вратиле од кратка попладневна прошетка, соопшти семејството.
Нивните тела биле пронајдени во близина на пешачка патека во околината на Бела Кула, потврди Службата за заштита на природата на Британска Колумбија (BCCOS). Од службата наведоа дека доказите пронајдени на местото на настанот „укажуваат на можна вмешаност на животно“. Како што пренесува Би-Би-Си, надлежните сега се обидуваат да ја лоцираат мечката – или мечките – за кои постои сомневање дека се вмешани во нападот.
Телата пронајдени различни денови
Телото на Џенифер Балкарас било пронајдено во понеделникот, а телото на нејзината ќерка во вторникот, за време на операција за пребарување во која учествувале службеници за заштита на природата и припадници на Кралската канадска коњаничка полиција (RCMP).
Џеф Тајр, инспектор во BCCOS, истакна дека сè уште не се знае дали во смртта на двете жени била вклучена една или повеќе мечки. Тој додаде дека секоја фатена мечка ќе биде испитана за да се утврди дали е поврзана со нападот. „Доколку се утврди дека мечката била вклучена во нападот, таа ќе биде усмртена во согласност со провинциските упатства за постапување во конфликти меѓу луѓето и дивите животни, со цел да се заштити јавната безбедност“, изјави Тајр.
Џенифер и Села биле исклучително блиски и имале многу заеднички хобија, изјави за CBC братот на Џенифер, Џош Балкарас. „Беа неразделни; одлично се согласуваа. Секогаш кога Џени одеше на пешачење, Села беше таму со неа“, додаде тој./Извор:Makfax


