Во рамки на работната посета на Берлин, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на работен ручек организиран од директорот на Европската академија во Берлин (European Academy Berlin), д-р Кристијан Јохан, посветен на европската перспектива на Северна Македонија и иднината на политиката на проширување на Европската Унија.
Разговорот беше насочен кон постепената интеграција во единствениот пазар на ЕУ и можностите земјите кандидатки да користат одредени европски политики и инструменти пред полноправното членство, во согласност со нивниот напредок во реформите.
Министерот Сали истакна дека постепената интеграција не е замена за членството, туку начин процесот да стане покредибилен и поопиплив за граѓаните. Во тој контекст, ги посочи придобивките од вклучувањето на Северна Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и значењето на напредокот во соработката за роаминг, транспорт, поврзаност и трговија.
Во фокусот беа и Планот за раст за Западен Балкан и поврзаноста меѓу спроведувањето на Реформската агенда, зајакнувањето на владеењето на правото и новите економски можности. Беше нагласена важноста на предвидлив процес на проширување, заснован на заслуги и ориентиран кон резултати.
Во оваа рамка беше истакната улогата на академските институции и истражувачките центри во поттикнувањето информирана дебата за проширувањето на ЕУ и во зајакнувањето на разбирањето меѓу земјите членки и земјите кандидатки.
Министерот Сали ја потврди посветеноста на Северна Македонија на реформите и полноправното членство во Европската Унија, нагласувајќи дека постепената интеграција треба побрзо да ги приближи граѓаните и компаниите до можностите на европскиот пазар.
фото: Кабинет на министерот за европски прашања


