Инфраструктурната трансформација на Скопје продолжува со реализација на повеќе значајни сообраќајни проекти, кои треба да овозможат подобро поврзување на населбите и поефикасно одвивање на сообраќајот. Булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода влегува во завршната фаза, а интензивно се работи и на клучката кај Момин Поток.
Паралелно се преземаат активности за ставање во функција на булеварот Македонија и првата подземна сообраќајница во Скопје. Во рамки на подготовките, се прошируваат и адаптираат улиците што ќе се поврзуваат со подземната сообраќајница, со цел да се овозможи прифаќање на очекуваниот зголемен сообраќаен интензитет.
Нов мост во Карпош ќе ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, а продолжуваат и активностите за расчистување на трасата на булеварот АСНОМ и ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Во повеќе делови од градот се реализираат и реконструкции на улици.
Овие проекти се дел од активностите за обновување на градската инфраструктура и подобрување на сообраќајната поврзаност. Со нивната реализација се создаваат услови за побезбедно движење и намалување на сообраќајниот метеж, што е важен предуслов за пофункционално Скопје.
фото архива/ Град Скопје


