Сообраќајот на државните патишта во Македонија утрово се одвива непречено, но по претежно влажни коловози, покажува утринското известување на Авто-мото сојузот на Македонија.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна не се пријавени подолги задржувања.
На патниот правец Кичево – Охрид продолжуваат градежните активности на повеќе делници, поради што сообраќајот се одвива со девијации.
Посебен времен режим е воспоставен и на делницата Пресека – Песочан до клучката Арбиново, каде што се изведува санација на левиот коловоз.
На правецот Прилеп – Кавадарци, во делот Беловодица – Тројаци, возилата се пропуштаат наизменично поради градежни работи.
Возачите треба да бидат внимателни и на делниците низ клисури и речни долини, каде што постои можност за одрони, особено при врнежи.
АМСМ препорачува прилагодување на брзината кон условите на патот и почитување на привремената сообраќајна сигнализација.


