Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ги повика командантите на четите да ја интензивираат обуката и да ја подобрат борбената готовност, означувајќи ја како нивна „примарна револуционерна задача“, објавија денес државните медиуми.
„Примарната револуционерна задача на командантите на четите е да ги завршат борбените подготовки на своите единици за да бидат целосно подготвени за водење војна, а начинот да се постигне ова е радикално подобрување на напорната и интензивна обука“, ги објави неговите зборови севернокорејската државна новинска агенција „КЦНА“, додавајќи дека тој го рекол ова за време на фотосесија со учесниците на Третиот состанок на командантите на четите на Корејската народна армија.
Како што е наведено, Ким Џонг-ун истакнал дека тие треба да ја докажат својата лојалност и лидерски вештини со тоа што ќе успеат да ги претворат своите единици во „сили во кои еден војник вреди колку сто други, и кои се карактеризираат со цврста револуционерна вера, патриотски дух, неспоредлива херојска храброст и борбена ефикасност“.
Тој додаде дека иднината на градењето силна армија изгледа „исклучително ветувачка благодарение на нив“.
Ким претседаваше со состанок одржан на 22 и 23 октомври во Пјонгјанг, каде што им порача на командантите „да изградат најсилна армија и да ја забрзаат воената револуција од корејски тип преку обука на најсилните чети“.
Тој, исто така, им наложи „доследно да ја зачувуваат и развиваат суштината на армијата како армија на Партијата, армија на идеологијата и клучните вредности“./Извор:Makfax


