Образованието има важна улога не само во стекнувањето знаења, туку и во градењето вредности, лична одговорност и интегритет кај младите. Преку секојдневната работа во училиштата, објективното оценување, еднаквите можности за сите ученици и поттикнувањето на критичкото размислување, младите учат да ја препознаваат неправдата и да се спротивставуваат на корупцијата.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на националниот форум „Млади за интегритет – Од гласот на младите до институционални промени“, организиран во рамки на завршниот настан на проектот „Млади за интегритет: Проширување на младинските антикорупциски активности“, реализиран од тинк-тенк организацијата Аналитика со финансиска поддршка од Германското сојузно министерство за надворешни работи.
Министерката изрази благодарност до тимот на Аналитика за посветеноста и ангажманот на проектот, како и до наставниците и професорите, кои преку својата работа и личен пример придонесуваат младите да развиваат чувство за правичност, одговорност и почитување на правилата.
„Секој наставник што објективно ги оценува учениците, без фаворизирање и лични влијанија, придонесува за антикорупциското воспитување на младите. Кога училиштето им овозможува еднакви можности на сите ученици, им покажува дека успехот треба да зависи од знаењето, трудот и посветеноста, а не од врските и привилегиите“, рече министерката Јаневска.
Антикорупциското образование е вградено во воспитно-образовниот процес. Преку предметот Граѓанско образование, учениците учат за своите права и обврски, функционирањето на институциите и за владеењето на правото, а содржини поврзани со интегритетот, одговорноста и спречувањето на корупцијата се обработуваат и во други предмети. Дополнително, преку проекти и воннаставни активности учениците имаат можност подетално да се запознаат со овие прашања. Наставниците и професорите, преку обуки и професионално усовршување, ги надградуваат знаењата и вештините за да им помогнат на учениците да ги препознаат овие појави во секојдневниот живот.
Јаневска посочи дека е важно младите да не ја прифаќаат корупцијата како нормална и неизбежна појава, слушајќи го оправдувањето дека „така функционираат работите“.
„Не е доволно само да им кажеме на младите дека треба да бидат чесни. Неопходно е да покажеме дека корупцијата не се исплати, дека правилата важат за сите и дека во оваа држава може да се успее со знаење, труд и чесност. Само тогаш повикот ‘Млади, останете овде!’ ќе има вистинска тежина“, порача министерката.
Министерството за образование и наука ќе продолжи да поддржува активности за јакнење на вредносниот систем кај младите и за зајакнување на воспитната улога на образованието, во соработка со училиштата, наставниците и граѓанскиот сектор.
фото: Министерство за образование и наука


