Министерството за дигитална трансформација ги разгледува со должно внимание сите наоди и препораки на Државниот завод за ревизија, кои ги сметаме за важен инструмент за подобрување на институционалното работење, финансиската дисциплина и транспарентноста.
Најголем дел од констатираните проблеми се наследени состојби од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), кои се акумулирале со години, а дел од нив повеќе од една деценија. Новото Министерство за дигитална трансформација, формирано во 2024 година, наследи нецелосни евиденции, нерешени имотно-правни прашања, судски постапки и административни пропусти кои претходно не биле соодветно адресирани.
Особено е важно да се нагласи дека целосен и суштински попис на имотот не бил спроведуван во изминатите десет години, што довело до сериозни неусогласености меѓу фактичката состојба, сметководствената евиденција и расположливата документација. Наведените објекти со книговодствена вредност од еден денар се токму пример за ваквата наследена и неуредна евиденција, а не показател за нивната реална пазарна вредност.
Министерството веќе презема активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот. Дел од забелешките се веќе надминати, додека за останатите се спроведуваат конкретни корективни мерки.
Дополнително, Министерството наследи и повеќе судски постапки кои произлегуваат од одлуки и обврски создадени во претходните години. Овие предмети се разгледуваат поединечно, во соработка со надлежните институции, со цел нивно законито разрешување и минимизирање на финансиските последици врз државниот буџет. Станува збор за правни и финансиски обврски кои не исчезнуваат со промената на раководството, туку мора одговорно да се решаваат.
Во однос на наодите за јавните набавки, финансиската евиденција и внатрешните контроли, Министерството веќе даде одговор на ДЗР дека станува збор за исплата на набавки на други институции, каде што министерството е корисник (чистење и обезбедување на објекти, службени патувања и телефонија).
Свесни сме и за предизвиците со недостигот од кадар, кои дополнително се усложнуваат заради разликата во висината на платите во државниот и приватниот ИТ сектор. Зајакнувањето на административните и стручните капацитети останува еден од приоритетите на Министерството.
Нашиот пристап не е проблемите да ги прикриваме или да ги оставаме на некое следно раководство. Напротив, решени сме да го расчистиме институционалното наследство, без оглед колку долго овие прашања биле занемарувани.
Министерството за дигитална трансформација останува целосно отворено за соработка со Државниот завод за ревизија и за спроведување на неговите препораки.
Наша обврска е паралелно со развојот на новите дигитални услуги и модернизацијата на државата да изградиме и институција со уредна евиденција, законито работење и одговорно управување со јавните средства.


