На покана на Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), во рамки на Кривичниот Оддел при Министерството за правда на САД, директорот на Царинска управа Бобан Николовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, присуствува на Годишната конференција на Меѓународната асоцијација на шефови на полиции, која се одржува во САД.
Поканата за учество на еден од најголемите и највлијателните годишни настани во областа на спроведување на законот, претставува признание за остварените резултати на Царинската управа во успешно гонење на криминалот. Тоа се огледа во фактот што, во периодот од јули 2024 до денес, Царинската управа поднесе 422 кривични пријави до надлежните јавни обвинителства.
Преку вмрежување со органите за спроведување на законот на светско ниво, се овозможува значително зајакнување на капацитетите за борба против организираниот криминал.
Истовремено, конференцијата претставува одлична можност за запознавање со најновите технологии и иновации во областа на откривањето и сузбивањето на криминалот. На настанот учествуваат повеќе од 600 изложувачи кои ги претставуваат најновите технолошки решенија, овозможувајќи директен увид во современите алатки и практики за спроведување на законот.
Минатиот месец со поддршка и донација од Министерството за правда на САД, на три гранични премини, беше воведен систем за телесни камери. Примената на современа технологија во оперативното работење се очекува да резултира со зголемена ефикасност во спречување на нелегална трговија.
Продолжуваме да ја зајакнуваме соработката на национално и меѓународно ниво, со цел поефикасна борба против организираниот криминал и заштита на границите.


