Европскиот центар за превенција и контрола на болести соопшти дека во Франција е потврдена првата позната инфекција со вирусот Шамонда кај човек. Вирусот претходно бил откриван кај животни, а во текот на летото бил идентификуван и на фарми во повеќе европски држави.
Инфекцијата била утврдена кај пациент со сериозна основна болест, кој починал на почетокот на октомври. Европската агенција нагласува дека сè уште се испитува дали вирусот придонел за смртта и како дошло до заразувањето. Не е утврдена поширока трансмисија меѓу луѓето.
Европските и француските здравствени институции ја следат состојбата и ги зајакнуваат капацитетите за лабораториско тестирање. Во оваа фаза нема основа овој изолиран случај да се претставува како нова епидемија кај луѓето.


