Centar.mk
СВЕТ

Зеленски до Трамп: Дајте ни ракети ако не можете да го скротите Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека Украина и САД имаат повеќе заеднички работи отколку што имаат САД и Русија, и изјави дека Киев сака да одржува отворени, прагматични и искрени односи со Вашингтон, пренесува „Правда“.

Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, Зеленски го објасни својот поглед на односите со САД:

„Секогаш сме имале важни и цврсти стратешки односи со Соединетите Држави. Нашата билатерална соработка стана особено активна за време на војната од целосен обем.

Благодарен сум за сета поддршка. Сепак, нашите односи секогаш сме ги граделе врз основа на искреност, праведност и, што е најважно, транспарентност. Болно е да се лаже кога вашиот народ е во војна. Затоа никогаш не сум сакал да кријам ништо од американскиот претседател, ниту пак некогаш сум го излажал.

Во секој случај, ние имаме повеќе заеднички работи отколку што има Америка со Русија. Повеќето луѓе во Украина и во САД го разбираат ова. Би сакале да ги одржиме истите отворени, искрени и прагматични односи со Америка какви што имаме денес“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател додаде дека неговата земја се залага за взаемен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.

Доколку Русија не го прифати ова, тој предлага партнерите да обезбедат доволно системи за противвоздушна одбрана за заштита на украинските објекти.

„Ставот е многу едноставен. Се залагаме за взаемен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура. Идејата е ние да се воздржиме од одмазднички напади врз руските енергетски постројки откако тие ќе ја нападнат нашата инфраструктура за гас, електрична енергија или нафта – или што било друго. Русите напаѓаат, а Америка не може да ги запре. Да претпоставиме дека Америка навистина сака, но едноставно не може.

Во тој случај, како партнер, подготвен сум да му излезам во пресрет на претседателот Трамп: ако нè нападнат, а ние не можеме да возвратиме, што не е ниту фер, ниту праведно, но вам ви е потребно ова бидејќи не можете да го зауздате Путин, тогаш обезбедете ни ракети-пресретнувачи за да можеме да ја заштитиме нашата енергетска инфраструктура. Можеби не успеавте да го запрете Путин, но ќе ѝ помогнете на Украина“, изјави Зеленски.

Овие изјави доаѓаат по период на неодамнешни тензии. Во неделата, Зеленски го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека се обидува да ја принуди Украина да капитулира пред Русија и дека го одложува испорачувањето на ракети-пресретнувачи за системот „Патриот“.

Трамп возврати обвинувајќи го Зеленски дека никогаш навистина не сакал да ја заврши војната. Еден ден подоцна, вчера, Трамп изјави дека е подготвен да се сретне со Владимир Путин и Си Џинпинг за да разговараат за ставање крај на војната во Украина – дури и без учество на Зеленски./Извор:Makfax