Centar.mk
Photo: Joyce N. Boghosian/the white house photo/flickr/ Licensed like United States government work / https://www.flickr.com/photos/whitehouse/55143896598/
СВЕТ

Трамп: Време е некој друг да преговара за Украина наместо Зеленски

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен следниот месец во Кина да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Ши Џjинпинг, дури и ако на средбата не присуствуваат претставници на Украина.

Трамп пред новинарите изјави дека средбата би можела да се одржи на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), закажан за 18 и 19 ноември во кинескиот град Шенжен. Според него, главна тема би била нуклеарното разоружување, а не војната во Украина.

„Ќе се сретнам со нив, но не толку поради Украина. Ќе разговараме за нуклеарното оружје и нуклеарното разоружување“, рече Трамп.

Тој повторно го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјавувајќи дека „не знае за што зборува“.

„Искрено, мислам дека е време некој друг да преговара во име на Украина“, додаде Трамп, тврдејќи дека Зеленски претходно можел да постигне поповолен договор со Русија доколку ги прифател неговите предлози.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека била спомената можноста за средба на тројцата претседатели, но нагласи дека засега нема конкретен договор, ниту утврдена агенда. Кинеското Министерство за надворешни работи исто така соопшти дека нема информации за подготовка на ваква средба.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха предупреди дека разговори меѓу САД, Русија и Кина без учество на Киев би можеле дополнително да го охрабрат Путин да ја продолжи војната.

„Трилатерална средба на лидерите на Русија, Кина и САД би го постигнала токму спротивното – би го охрабрила Путин да ја продолжи оваа војна“, изјави Сибиха.

Путин, пак, повеќепати ја отфрли можноста за средба со Зеленски пред да биде подготвен конечен мировен договор./Извор:Makfax