Centar.mk
СВЕТ

Трамп: Париз многу наскоро ќе стане муслимански град

Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја критикуваше имиграциската политика на францускиот претседател Емануел Макрон, тврдејќи дека Париз „многу наскоро ќе стане муслимански град“.

„Видете, Емануел ми е пријател. Уште одамна му реков дека прави голема грешка во Франција. Тој дозволува да влезат луѓе од целиот свет. Целиот свет доаѓа, и како што знаете, Париз многу наскоро ќе стане муслимански град. А тоа не беше договорот. Тоа не беше договорот“, изјави Трамп пред Белата куќа, непосредно пред заминувањето на предизборен собир во Канзас.

„Му реков на Емануел дека треба да ги затвори границите. Го познавам околу осум или девет години. Штом го запознав, му реков дека прави голема грешка. Ние ги затворивме нашите граници; тој не ги затвори“, нагласи тој.

Tрамп тврди дека немирите во Франција се доказ за колапсот на западната цивилизација и за опасностите од имиграцијата.

На собирот во Канзас, Трамп ја опиша Франција како некогаш голема нација која е „освоена, ограбена и изгорена до темел“ од страна на „мигранти, џихадисти и комунисти“.

„Ако сакате да видите што е влог на овие избори, само погледнете што се случува во Франција“, предупреди тој.

„Ова се случува во Франција, а тие сакаат истото да ѝ се случи и на нашата земја. Тоа овде никогаш нема да се случи“, изјави Трамп, предизвикувајќи гласни овации кај илјадниците присутни во Канзас – држава со силно републиканско определување, каде што републиканскиот сенатор Роџер Маршал се соочува со неочекувано тежок предизвик од демократот Адам Хамилтон.

Претходно истиот ден, Трамп го повтори своето тврдење дека мигрантите ја „презеле“ Франција. На платформата „Truth Social“, тој напиша дека лидерите на земјата мора „ВЕДНАШ ДА ГИ ЗАТВОРАТ ГРАНИЦИТЕ!“/Извор:Makfax