Хрватската полиција идентификувала 23 лица осомничени за поттикнување насилство и омраза по навивачките инциденти во Сплит, во кои биле забележани нацистички и антисемитски пораки. Според податоците претставени денеска од полициските претставници, девет осомничени се наоѓаат во истражен затвор, еден издржува затворска казна, а еден малолетник е пуштен со мерка на претпазливост.
По уште дванаесет лица полицијата продолжува да трага, бидејќи во моментот не ѝ се достапни. Инцидентите повторно ја отворија дебатата за говорот на омраза и екстремистичките симболи во навивачките групи. Безбедносните експерти нагласуваат дека е потребно постојано спречување на ваквите појави, додека за осомничените важи презумпцијата на невиност и нивната одговорност треба да ја утврдат надлежните судови.


