Centar.mk
фото Chapter4
БИЗНИСПРОМО

Зелената индустрија во фокусот на вториот ден на TECHMECH 2026: нови шанси за младите инженери

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

Зелената индустрија во фокусот на вториот ден на TECHMECH 2026: нови шанси за младите инженери

Денес, во рамките на вториот ден од Саемот TECHMECH 2026, во просториите на Машинскиот факултет се одржа трибината „Зелена индустрија: нови предизвици и претприемачки можности за младите“. Настанот, модериран од проф. д-р Радмил Поленаковиќ, беше отворен од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, и собра експерти од енергетскиот сектор, стопанските комори и индустријата, меѓу кои М-р Анета Петровска Русомароски (ЕВН Македонија), Др. Весна Кузмановиќ (Сојуз на стопански комори), г-дин Сашо Николоски (ЛТХ Леарница Охрид) и г-дин Кирил Шотаровски (ВДЛ Бус Македонија).

„Нашата цел не е само да произведуваме повеќе чиста енергија, туку оваа енергија да ја користиме ефикасно и да се движиме во насока на отворање нови работни места. Вие, младите инженери, истражувачи, претприемачи, не сте само активни учесници, вие сте идните создавачи. Токму во оваа насока зелената транзиција создава потреба од соработка – меѓу вас и компаниите”, изјави министерката Сања Божиновска при отворањето на трибината.

Воведничар на трибината беше проф. д-р Димитар Николоски од Економскиот факултет при УКЛО, кој ги презентираше резултатите од анализата спроведена на 530 македонски компании за развојот на зелените работни места. Проф. Николоски истакна дека „самата зелена транзиција повлекува големи импликации за компаниите, тие се повеќе ќе треба да воведуваат зелени технологии и да вработуваат работна сила која ќе може да управува со тие технологии. На прагот сме на нова парадигма наречена зелена транзиција и таа вклучува повеќе аспекти: се справува со климатски промени, со недостаток на ресурси, како и со користење на обновливи извори на енергија.“

Еден од панелистите, М-р Анета Петровска Русомароски од ЕВН Македонија, нагласи дека зелената транзиција е неопходен баланс помеѓу економијата и заштата на животната средина: „Анализата ни покажа дека зелените работни места постојат во нашите компании, но и дека треба да продолжиме да работиме токму во оваа насока. Едноставно, затоа што зелената транзиција е баланс помеѓу економијата и природата.Тоа е начин економијата да остане во рамките на границите на Земјата.“

Трибината отвори простор за конкретна дискусија за потребните компетенции, за финансирањето на зелени проекти и за претприемачките можности кои произлегуваат од енергетската транзиција. Учесниците ги споделија искуствата од терен, презентираа примери на успешни практики и предлози за соработка меѓу универзитетите и компаниите.

И вториот ден на TECHMECH 2026 потврди дека денешните студенти, утре сигурно ќе бидат градители на технолошката и економската иднина на нашата држава.

фото Chapter4