Centar.mk
фото Chapter4
ЛОКАЛНО

Првпат во историјата: Општина Чучер Сандево повика 379 компании на директен дијалог

Денес на иницијатива на Општина Чучер Сандево се одржа тркалезна маса со претставници на локалната бизнис заедница. На средбата, која се одржа по првпат во историјата на општината со цел директно да се слушне гласот на компаниите и нивните конкретни барања, присуствуваа 67 претставници од регистрираните 379 правни субјекти во општината. На состанокот учествуваше и Александар Караев, експерт консултант за локален економски развој ангажиран од Министерството за локална самоуправа.

Средбата беше организирана како отворен и конструктивен дијалог во кој компаниите имаа можност да ги изложат своите предизвици, потреби и предлози за унапредување на деловната клима. Во фокусот на разговорите беа прашања поврзани со инфраструктурата, административните процедури, пристапот до услуги и можностите за заеднички проекти кои ќе ја поттикнат локалната економија и ќе создадат нови работни места.

Градоначалникот Зоран Бајовски нагласи дека „општината е тука за компаниите – не како формален партнер, туку како активен соработник. Слушаме, работиме и преземаме конкретни чекори за да ги отстраниме пречките пред инвестициските проекти а со тоа да создадеме услови за раст и да се отворат нови работни места.“

При преземањето на функциите, општинската администрација открила низа започнати проекти без комплетна документација – наследство од претходното раководство. Тоа го пролонгира нивното спроведување и налага дополнителни проверки пред реализација. Исто така, некои прашања се сложени поради преклопување на ингеренциите меѓу општините (Чучер Сандево и Бутел), па едноставни решенија не постојат. Затоа се работи на долгорочни, правно уредени и одржливи мерки кои ќе донесат стабилност и предвидливост за инвеститорите и граѓаните.

„Ние сме посветени на конкретни резултати – ќе ги отстраниме пречките, ќе ги уредиме недовршените предмети и ќе создадеме стабилни услови за инвестирање и раст. Заедно со бизнисот градиме предвидлива и просперитетна општина“, додаде градоначалникот Бајовски.

Александар Караев, експерт за локален економски развој ангажиран од Министерството за локална самоуправа, истакна: „Клучот за траен напредок е во координацијата меѓу сите чинители и во јасно дефинираните приоритети. Потребни се краткорочни олеснувања за компаниите, но и стратешки инвестиции во инфраструктурата и дигитализацијате на услугите за да се постигнат позитивни долгорочни ефекти.“

Општина Чучер Сандево е благодарна за учеството на компаниите и идеите кои ќе бидат вклучени во идните акциски планови. Ова е почеток на континуиран дијалог; општината ќе работи на уредување на недовршените предмети, забрзување на процедурите и подготовка на правно и технички комплетни решенија за комплексните прашања. Општината ги повикува претставниците на бизнис заедницата да продолжат да ги доставуваат предлозите за да се изгради предвидлива и поволна средина за развој.

фото Chapter4