Centar.mk
фото Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

600 евра минимална плата е неопходна за работниците да го преживеат месецот, бара Филипче

Минимална плата од 600 евра е неопходна за работниците да можат да го преживеат месецот, да ги покријат основните трошоци и да обезбедат достоинствен живот за своите семејства, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за Централниот дневник на МРТ 1.

Филипче посочи дека барањето за зголемување на минималната плата не само што е реално, туку е и неопходно, додека Владата на ВМРО не презема доволно мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

-Не само што е реално барањето, туку е и многу потребно. Станува збор за барање кое што ќе ги задоволат потребите на граѓаните да го преживеат месецот. 600 евра минимална плата е најмалку што оваа влада треба да направи за да го подобри стандардот, затоа што во сегашните услови ниту три минимални плати не се доловони да ги покријат трошоците од потрошувачката кошничка, која што е близу 80-90.000 денари со трошоците за кирија, за стан и враќање на кредитите, рече Филипче.

Филипче додаде дека негрижата на Владата за животниот стандард не се одразува само врз работниците, туку и врз земјоделците, пензионерите и младите, додавајќи дека со што власта го одбива секој предлог на СДСМ за подобрување на економската состојба дополнително го отежнува животот на граѓаните.

-Тоа е само еден од знаците со кои што владата покажува апсолутно негрижа за стандардот на граѓаните. Денеска во Собрание не помина нашиот предлог Закон за поддршка на земјоделците. Сите остануваат без дополнителна финансиска поддршка. Сите сфери во земјоделството, и сточарите, и млекарите и лозарите, и јаболкопроизводителите, буквално сите. Догодина е прашање дали ќе има земјоделство во одредени региони во држава, поради тоа што земјоделците не можат финансиски овој терет притисок да го издржат, рече Филипче.

Тој додаде поради лошите политики на Владата, граѓаните иднината ја гледаат во иселување надвор од државата и порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за подобар живот на сите граѓани.

-И сега една власт која што не се грижи ниту за работниците, ниту за земјоделците, ниту за најстарите пензионерите, ниту за најмладите, затоа што не им го дава европскиот пат и европската перспектива и ги тера да ја напуштат земјата, 3.000 деца се помалку запишани годинава во прво одделение, 3.000 семејства се иселиле од 2025 година до 2026 година и го бараат спасот некаде надвор, што да правиме освен секојднево, упорно да се бориме, да реагираме, за да видат граѓаните дека некој се грижи за нив, рече Филипче.

Претседателот Филипче нагласи дека СДСМ ќе продолжи да предлага мерки за подобрување на животниот стандард, бидејќи граѓаните имаат потреба од конкретна поддршка, а не од празни ветувања.