Centar.mk
фото: ОПШТИНА КАРПОШ
ЛОКАЛНО

Општина Карпош го предаде управувањето со базенот „Партизан“ на Националната пливачка федерација

Денеска, пред училишниот базен ,,Партизан”, во спортската сала ,,Наум Наумовски Борче”, Општина Карпош изврши примопредавање на училишниот базен на Националната пливачка федерација на Република Македонија. Имено, Федерацијата ќе ја преземе целосната одговорност за управување и функционирање на базенот, како и за организација на активностите што ќе се реализираат во овој спортски објект.

На свечениот чин присуствуваше градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, Министерот за спорт, Борко Ристевски и претседателот на Националната пливачка федерација на Македонија, Сашо Лазаревски. Во својот говор, Лукровски посочи дека во рамки на 50 годишнината од Општина Карпош, сè реализира еден од најважните чекори за локалната самоуправа.

-Верувам дека токму тука многумина ќе ги направат своите први пливачки чекори, ќе го засакаат спортот и еден ден ќе прераснат во вистински шампиони. Денешното примопредавање е од голема важност за Општината, бидејќи следните години сигурни сме дека е во вистински раце, а пливачката федерација ќе се потруди тоа да остане така. Предност ќе имаат децата, вклучени преку пливачката федерација, односно преку пливачките и ватерполо клубовите. Првата фаза е наменета за училишните деца. Општина Карпош мисли на своите граѓани, а јас како градоначалник можам да ветам дека во наредните 50 години ќе продолжиме да создаваме услови, како за децата така и за повозрасните – рече првиот човек на локалната самоуправа. Оттука, своја изјава даде и Министерот за спорт, Борко Ристевски.

-Одиме чекор понатаму, односно да го вратиме пливањето онаму каде што заслужува, и да биде еден од од приориретните спортови. Ова е правец во кој треба да се стопанисуваат рекреативните центри, односно да стопанисуваат федерациите кои се квалитетни и знаат како да си ја работат својата работа. – заврши Ристевски.

Во рамки на денешната прес конференција, свое излагање имаше и претседателот на Националната пливачка федерација, Лазаревски кој посочи дека довербата ќе биде оправдана и дека во рамки на можностите, ќе биде организирано и достапна посета на базенот ,,Партизан”.

-Пливачката федерација во наредниот период, покрај спортските клубови, обуката на наши спортисти пливачи, ќе врши обука и на дечињата кои што учат во основните училишта, и тоа ќе биде во одредена динамика за која дополнително ќе се состанаме. Во иднина, ќе се надоградуваме и се надевам дека од дечињата кои ќе посетуваат часови по пливање ќе ја претставуваат нашата држава на европското тло. – рече Лазаревски.

Имено, во однос на понатамошното користење на базенот, Националната пливачка федерација ќе организира бесплатни обуки за основците од Општина Карпош и ќе им овозможи на најмладите да ги унапредуваат своите пливачки вештини и да развиваат здрави спортски навики. Понатамошната одлука за термините и организацијата на активностите како и рекреативното пливање, ќе ги носи Националната пливачка федерација, субјект кој ќе управува со базенот.

Општината на овој начин овозможува, управувањето на базенот да го преземе надлежна спортска федерација, која ќе има обврска да пружи поддршка на пливањето кај најмладите и понатамошен развој на спортските и рекреативните активности.

фото: ОПШТИНА КАРПОШ