Во периодот од 22 јуни до 5 јули 2026 година, во организација на ИНТЕРПОЛ, беше спроведена меѓународната оперативна акција „TRIGGER X“, во која учествуваше и Македонија. Носител на активностите во Министерството за внатрешни работи беше Одделот за криминалистичка полиција, односно Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи – Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, додека координацијата и комуникацијата со земјите учеснички се одвиваа преку Национално централно биро на ИНТЕРПОЛ – Скопје, Секторот за меѓународна полициска соработка.
Во акцијата беа вклучени повеќе организациски единици на Бирото за јавна безбедност, како и Царинската управа, со цел сузбивање на прекуграничниот криминал, откривање и спречување на недозволената трговија со огнено оружје и муниција, како и спроведување засилени контроли во правни лица што вршат промет со оружје, муниција и пиротехнички средства, стрелачки клубови, цивилни стрелишта и ловни друштва.
Во рамки на оперативните активности беа извршени контроли и прегледи на 548 селектирани лица и 382 возила, меѓу кои патнички и товарни возила, како и приколки. Дополнително, Одделот за криминалистичко-разузнавачка анализа при БЈБ и Секторот за меѓународна полициска соработка извршија проверки во интерните бази на податоци за повеќе од 500 лица и 300 возила.
Во предоперативната фаза, при два претреси, биле пронајдени и одземени три пиштоли, 115 куршуми, рамка за оружје, седум ловни патрони, три рачни бомби и кутија со барут. При увид по пријава, дополнително биле пронајдени и одземени пиштол, рамка, импровизирана направа во вид на цевка за испукување куршуми и 77 куршуми.
Во оперативната фаза биле извршени вкупно 35 претреси, при што биле пронајдени и одземени 27 парчиња оружје и 604 парчиња муниција за кои се преземаат мерки за поведување кривична постапка, како и 10 минско-експлозивни средства. За поведување управна постапка биле одземени и три ловни пушки, една пневматска пушка и 128 ловни патрони.
Во рамки на засилените контроли на граничните премини, биле лишени од слобода две лица. На Граничниот премин „Табановце“, при контрола на возило управувано од австриски државјанин, била откриена непозната материја, по што лицето било лишено од слобода во врска со сомнение за кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. На Граничниот премин „Меџитлија“, по барање на СВР Велес, било пронајдено лице евидентирано на стоп-листа, кое било лишено од слобода и предадено на понатамошно постапување.
На подрачјата на СВР Скопје и СВР Битола биле извршени и четири вонредни контроли во стрелачки клубови и две вонредни контроли во цивилни стрелишта. При контрола во стрелачки клуб во ОВР Прилеп биле одземени една ловна пушка и еден револвер.
Учество во вакви меѓународни оперативни акции претставува значаен придонес во зајакнувањето на меѓународната полициска соработка, размената на информации и координираното постапување во борбата против недозволената трговија со оружје и прекуграничниот криминал. Преку заеднички и координирани активности со меѓународните партнери, Министерството за внатрешни работи продолжува активно да придонесува кон унапредување на безбедноста и спречување на нелегалниот промет со оружје, муниција и експлозивни средства.


