Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Мицкоски со добри вести за граѓаните: Ја градиме Македонија, започна изградба на автопатот Букојчани-Кичево (ФОТО,ВИДЕО)

Изјава на премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан:

„Почитуван претседател на собранието, почитувани колеги од Владата, почитуван амбасадоре Рокас, драг Коце, почитувани пратеници, градоначалници, претставници на медиумите, драги гости, почитувани претставници на компанијата или би рекол конзорциумот којшто ќе го изведува овој дел од автопатот, Ве поздравувам од мое име и од името на Владата и Ви благодарам што денеска сте еве тука присутни на овој настан.

Сите технички параметри што се однесува за овој проект беа кажани, јас нема да се повторувам колку има надвозници, надпатници, тунели и слично, бидејќи претставува навистина предизвик од инженерски аспект, сега зборувам како инженер, не зборувам како претседател на влада, оваа секција да се заврши.

Но, она што за мене претставува многу значајно е фактот дека без оваа секција се она останато коешто го правиме, немаше смисла.

Практично овој сега целиот проект којшто го поврзува Охрид со главниот град, со Скопје има смисла, но има смисла и целата онаа политика за којашто зборуваше Александар во своето обраќање, а тоа е политиката на оваа Влада кога беше избрана во 2024 година, да ја направи земјата раскрсница којашто ќе се темели на четири столба.

Тогаш почнавме со три столба, но некако како одминуваше времето таа наша цел и тој наш предизвик го проширивме и денеска зборуваме за четири столба, а тоа е: да бидеме раскрсница на два пан-европкси коридори-тоа е Коридорот 8 и коридорот 10 во смисол на патната инфраструктура, железничката инфраструктура, енергетската инфраструктура и гасната инфраструктура.

На тој начин геостратешкото значење на земјата станува навистина нешто коешто претставува поголема можност за сите граѓани, но и претставува предуслов да се развиваат современи индустрии, а државата добива навистина нешто поголемо, поголема додадена вредност кога станува збор со споредбата и компарацијата со годините во минатото.

Јас сум навистина горд и среќен што присуствува во овие значајни моменти за иднината на земјата и генерациите коишто доаѓаат, бидејќи сите проекти кои се дел од оваа стратегија на четири столба можам да кажам дека се започнати, се движат, некои веќе се завршуваат.

Јас веќе очекувам многу скоро од денеска една делница од автопатот Кичево-Охрид да биде пуштена, тоа е од Извор до Врбјани, а исто така како што кажа и директорот на ЈП за Државни патишта Коце Трајановски таа целосна делница од Кичево до Охрид да биде пуштена најдоцна првата половина од 2027 година.

Исто така следната година очекувам пуштање и на гасоводот којшто ќе ја поврзе земјата со нашиот јужен сосед, започнати се работите на гасниот интерконектор со нашиот северен сосед, се работат автопатските делници и поврзувањата којшто се дел од Коридорот 8 и коридорот 10 Д, очекувам на коридорот 10Д првите километри да бидат пуштени во функција следната година.

Така што се работи интерконекторот на високонапонско ниво којшто треба да не поврзе со нашиот западен сосед, сето она коешто има смисла, а се темели на оваа стратегија на четири столба е задвижено, се работи и ние како Влада продолжуваме да останеме фокусирани на сето тоа.

Првите индикатори во економска смисла се појавуваат, еве после 27, 28 месеци напорна работа, во услови кога имавме уништена држава и во услови кога пред нас се случува епски најголемата криза којашто човештвото ја памети ние успеваме како Влада да извлечеме резултати коишто не вбројуваат во првите држави во Европа.

И тука нема да кажам нескромно и покрај фактот што ризикувам дека голем број од политичарите после ова во опозицијата нема да се сложат и ќе се обидуваат да ме исмејуваат кога зборувам за факти коишто се во првите пет во Европа, но јас ќе продолжам да ги повторувам.

Имено, во вториот квартал од оваа година, во 2026 година растот на БДП е 4,3% и е во првите пет во Европа и убедливо меѓу најголемите во регионот, ако не и најголем. Истовремено значајно е да се напомни дека е консолидирана од аспект на трошоците за живот инфлацијата, состојбата во економијата бидејќи во третиот квартал просечната инфлација кај нас е 2,5%, било каде во соседството дали е тоа нашиот јужен, дали е нашиот источен, западен сосед, ќе забележите инфлација којашто е просечна од 5 и повеќе% иако не така одамна не убедуваа дека инфлацијата е двојно поголема од просекот во ЕУ затоа што таа била увезена.

Еве денеска можеме да сведочиме на инфлација којашто е 25% помала од просекот во ЕУ во третиот квартал.

Да одиме и чекор понатаму ДЗС излезе со корекција на БДП во 2024 година од 3 на 3,8% што само по себе намалување на долгот од 61 на 57, 4%.

Го задржавме кредитниот рејтинг според сите меѓународни кредибилни рејтинг агенции иако кај сите држави во регионот и во Европа имаме нивелирање во надолна линија, само кај нас останува истиот со тенденција да биде стабилен и да оди нагорна линија.

Веќе не се предизвик учебниците за учениците на 1-ви септември, веќе не се предизвик вадењето на лични документи во МВР, справувањето со пожарите претставува рутина ако се спореди она што се случуваше во Европа.

Така што првите индикатори за работата на оваа Влада во којашто се коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија ВЛЕН, политичката партија ЗНАМ, посветената работа овие 27, 28 месеци резултира со бројни проекти и консолидирање во услови кога ја затекнавме државата којашто беше упатена кон амбисот и во услови кога работиме во светот имаме епски најголема енергетска криза која човештвото ја памети.

Благодарам на тимот колеги од владата, на луѓето од институциите, благодарам на граѓаните за трпението.

Јас сум сигурен дека денеска земјата е многу подобро место за живеење од тоа што беше пред три години, а убеден сум дека со заедничка работа, заеднички сите ние заедно со нашите партнери од ЕЗ, од ЕУ и НАТО за три години од денеска ќе имаме уште поубаво место за живеење од тоа што е.

Ви благодарам уште еднаш за сето она коешто го правите и Бог да ни ја благослови Македонија.“