Соопштение на Левица:
По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, делегација на Левица, составена од пратеникот Амар Мециновиќ, советникот Виторио Зафировски во Советот на Општина Куманово и советникот Дејан Димовски во Советот на Општина Ѓорче Петров, заедно со Горан Стојковски – Диро и претставници на неговата група „Ред за Куманово“, положи свежо цвеќе пред Спомен-костурницата во Куманово, во чест на борците кои ги положија своите животи во Народноослободителната и антифашистичката борба.
11 Октомври е симбол на организираниот отпор против фашизмот, но и потсетник дека слободата, народното достоинство и социјалната правда никогаш не биле подарени, туку извојувани преку заедничка борба. Наследството на народноослободителната борба нè обврзува и денес да ги надминеме тесните партиски интереси таму каде што постои заедничка волја за одбрана на интересите на граѓаните.
За Левица, опозициското дејствување подразбира одговорност, солидарност и подготвеност за заедничка акција. Во време кога граѓаните очекуваат вистинска алтернатива на политиките на актуелната власт, потребни се сили што ќе умеат да соработуваат околу заедничките цели и да понудат отпор што произлегува од потребите на народот.
Левица ќе продолжи да гради соработка со сите опозициски сили подготвени да дејствуваат во интерес на граѓаните. Антифашизмот не е само спомен од минатото, туку жива обврска – да се спротивставуваме на неправдата, да ја браниме слободата и заеднички да се бориме за општество достојно за оние што ја извојуваа.
Смрт на фашизмот – слобода на народот!
фото Левица


